Home / Свет / Русија протерува 35 американски дипломати

Русија протерува 35 американски дипломати

Русија протера 35 дипломати како одговор на вчерашната одлука на американскиот претседател Барак Обама да протера 35 руски дипломати од САД, соопшти рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Претходно, како што јави Си-Ен-Ен, како реакција на санкциите на Вашингтон кон Русија, официјална Москва донесе одлука за затворање Англо-американското училиште во рускиот главен град, во кое се школуваат децата на дипломатите од САД, Велика Британија и Канада,

Англо-американското училиште во местото Покровское-Стрешнево е отворено во 1949 година и е наменето за децата на дипломатите и бизнисмените од земјите од англиското говорно подрачје. Според податоците, сега таму се запишани околу 1.200 деца.

Со одлука се затвора и одморалиштето за лицата од американската дипломатска мисија во шумскиот масив Серебраниј Бор.

Откако Администрацијата на американскиот претседател во заминување Барак Обама воведе санкции кон Русија, се огласи и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп,  упатувајќи и повик на земјата да „тргне понатаму“ и најавувајќи го состанокот со шефовите на разузнавачките служби.

– Време е нашата земја да оди понатаму кон поголемите и подобри работи, рече Трамп.

– Во интерес на нашата земја и нејзиниот голем народ ќе се состанам со лидерите на разузнавачката служба следната недела, со цел да се запознаам со фактите од оваа ситуација, додаде Трамп.

САД како одговор на наводното мешање на Русија во претседателските избори воведоа серија остри санкции кон Москва, вклучувајчи протерување на 35 руски дипломати и затворање на два објекта.

Од Москва порачуваат дека на тоа ќе одговорат адекватно и категорично ги отфрлаат обвиненијата на Вашингтон, оценувајќи ги како неосновани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*