Don't Miss
Home / Култура / Се е подготвено за 35. издание на „Малиот битолски Монмартр“

Се е подготвено за 35. издание на „Малиот битолски Монмартр“

Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ од Битола подготвено е да ги пречека годинешните учесници на 35. издание на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.

На денешната прес конференција, раководителот на студиото, Коста Хаџиантоновски истакна дека од 23 до 30 мај во Битола ќе престојуваат ученици и нивните ликовни педагози од Словачка, Кина, Русија, Турција, Украина, Србија, Бугарија, Малезија, Романија, Полска, Индија, Египет, Тајланд  и од Македонија.

– „Мал битолски Монмартр“ е институција што ја има само во Македонија и никаде во светот. Ако во други држави се организираат светски изложби, во Битола освен светска изложба има и светска колонија, светски хепенинг и други реткости. Магијата на „Мал битолски Монмартр“ ќе биде почувствувана на свеченото отворање кога ќе ги врачиме наградите на најдобрите поединци како и наградата „Гран при“ која овој пат им припадна на учениците од Спишка Бела- Словачка, истакна Хаџиантоновски.

Според востановената традиција, еден ден од меѓународната колонија ќе биде тематски и на 29 мај децата од светот на плоштадот „Магнолија“ во Битола ќе цртаат на тема „Олимпијадата во очите на децата“.

– Годинава по петти пат ќе учествуваме на Олимпијада и најдобрите ликовни творби ќе бидат презентирани во Олимпиското село во Рио де Жанеиро. Како што е познато нашата изложба ја презентиравме во Сиднеј, Атина, Пекинг и Лондон, а сега ќе учествуваме и во Рио де Жанеиро. Изборот на најдобрите творби ќе го направи тим на Маѓународниот олимписки комитет-МОК од Лозана што во јуни ќе престојуваат во Битола, потврди Хаџиантновски.

Меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ годинава се реализира со поддршка на повеќе приватни компании од Битола и со финансиска поддршка на Министерството за култура и Министерството за образование.

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*