Македонија е во длабока политичка криза, која се заканува да ја уништи економијата во државата.
Веќе две години, од почетокот на “бомбардирањето“ на кабинетот на Груевски, власта и опозицијата постојано се обвинуваат меѓу себе за состојбата во која се наоѓа Република Макеоднија.
И покрај сите напори на меѓуанародната заедница да се најде излез од политичката криза, сепак досега ниту средбите на “големата четворка“, во Клубот на пратениците, ниту во Пржино, Стразбур, Брисел, не вродија со плод.
Напротив, наместо излез од кризата, истата кулминира до тој степен, што по неуспехот на Јоханес Хан, меѓународната заедница, деновиве со доаѓањето на Јоханес Хајндел од Германија и Викторија Нуланд од Стејт департментот на САД, ќе се обидат да ги вразумат македонските политичари, конечно, да се договорат околу изнаоѓањето излез од безизлезот во кој ја доведоа државата.
И додека најголемиот дел од јавноста, обичните граѓани, кои не им припаѓаат на ниту една политичка опција, бизнисмените, малите стопанственици, инвеститорите… се до крајна мера загрижени за политичката криза во државата, македонските политичари, кои ја доведоа Република Македонија до ова дереџе, се однесуваат како ликовите во познатата телевизиска серија “Село гори,а баба се чешла“.
И навистина Македонија, во последно време, по многу нешта наликува на јунаците од серијата “Село гори, а баба се чешла“.
Манипулирајќи не само со чувствата на своите политички поддржувачи и граѓаните, како и со бројките за реперкусиите од политичката криза, која сериозно се заканува да ја урниса економијата во државата, политичарите на четирите најголеми политички партии, кои си зедоа себеси за право да ја вадат државата од калта во која тие ја закопаа, во последно време дури се обидуваат да “профитираат“ од кризата.
Резултатот од таквата политика на “лет во место“ е скорешното задолжување на Република Македонија на надворешниот пазар со 650 милиони евра.
И наместо ваквото задолжување да биде не само сериозен, туку последен аларм за постигнување на договор за излез од кризата, политичките партии на власта и опозицијата се обидуваат дури и на еврообврзницата да “ќарат“ ситни политички поени.
Додека опозицијата се обидува дури да ги моли меѓународните кредитори да не ја купуваат македонската еврообврзница, власта се обидува да ја (раз)убеди не само домашната туку и меѓународната јавност дека ваквото задолжување е последица на кризата во која ја втурна Република Македонија СДСМ и лидерот Зоран Заев.
Наспроти сите економски логики, кај нас дури и задолжувањето се смета за голем (политички и економски) успех. А за тоа кога и како ќе се враќаат долговите, за тоа нека му ја мислат идните генерации, кога долговите ќе дојдат за наплата и двата милиони македонски “жиранти“, кои без да бидат консултирани и прашани се “обврзале“ да ги враќаат кредитите. За ваквото задолжување во моментот одговорност не прифаќаат ни власта ни опозицијата, кои меѓусебно деновиве се обвинуваат дека тие се виновни за подигнувањето кредит од 650 милиони евра.
Но тоа што особено загрижува е што и покрај големата криза со која се соочува државата, како на политички, така и на економски план, како и кризата во земјите од Европската Унија по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, бегалската криза, војните во Блискиот и Средниот Исток, терористичките акции на ИСИЛ, расните немири во САД, кај нас политичките лидери се однесуваат како тоа нив едноставно да не ги допира.
Наместо сериозно да се зафатат со барање чаре за излез од длабоката криза во која ја доведоа државата, тие секој ден не се симнуваат од екраните со одржување на партиски средби и решавање на ситни инфраструктурни комунални проблеми. За решавање на проблемите кои ќе не доближат до Брисел и кои ќе го поместат преговарачкиот процес за влез во НАТО и ЕУ, како трајна определба на најголемиот број граѓани на Македонија, во државата веќе никој не зборува.
Македонските политичари веќе не ги загрижува ни тоа што Црна Гора и Србија, ги отпочнаа преговорите за влез во ЕУ, што Албанија стана членка на НАТО, а до зачленување е блиска и Црна Гора, што Босна и Херцеговина и Косово не (пре) стигнаа во ингеративните процеси, што Хрватска е членка на ЕУ.
Нив не ги загрижува ни тоа што и на последниот состанок на НАТО во Варшава Македонија не беше ни патем спомната.
За преговорите за решавање на спорот со Грција, кој е услов за влез во НАТО и ЕУ веќе никој, не само што не зборува, туку ниту размислува.
Тие единствено се заинтересирани како Груевски да се пресмета со Заев, или Заев со Груевски.
Нивните суети во моментот се (нај)приоритетни, многу позначајни и од приоритетите на Маке-донија.
Автор: Менде Младеновски