Со дванаесет мигранти напикани во автомобил организатор на меѓународна група за криумчарење вчера неколку часа и бегал на полицијата по македонските автопатишта. Возачот бил совладан, а во автомобилот биле пронајдени мигранти од Пакистан и Египет. Двајца мигранти биле пронајдени во куќа и чајџилница во село Ваксинце.
Групата за криумчарење имала врски во Македонија, Грција и Србија и била следена од 2016. На тринаесет локации во Куманово, Скопје и Гевгелија уапсени се 13 лица, припаднци на групата, а по десет се трага.
„Возачот на возилото кој е и еден од организаторите на оваа меѓународна криминална група и бегаше на полицијата со огромна брзина на одредени делови од автопатот Гевгелија-Скопје и Куманово-Скопје се движеше и со брзина од 200 километри на час и со вкупно 12 мигранти во возилото“, изјави на денешната прес-конференција директорот на БЈБ Лазар Велковски.
Велковски вели дека во групата немало инволвирано припадници на полицијата и дека МВР во соработка со полициите на повеќе европски земји работи на целосно штитење на границата и спречување на нелегална миграција, но тоа никогаш не е 100 проценти возможно.
„Ние на самата гранична линија имаме поставено дополнителни полициски единици, имаме испомош од поголем број на земји меѓутоа не можеме да гарантираме стопроцентна заштита на државната граница и затоа земаме дополнителни мерки за следење на овие лица и токму поради следењето на овие лица сумата која ја земаат криумчарите е многу повисока. Ако пред некое време сумата за превезување на мигранти беше 50 евра сега таа сума изнесува 350 евра“, рече Велковски.
Како што информираше Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесени се кривични пријави против 23 лица од кои еден малолетник за кривичните дела Криумчарење мигранти и Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти. На дванаесет лица веќе им е одреден притвор во траење од 30 дена и куќен притвор на еден од притворените.