Don't Miss
Home / Култура / Симфониски концерт за деца „Петре и волкот”

Симфониски концерт за деца „Петре и волкот”

Македонската филхармонија на 18.05.2016 година, во 18.00 ч. во НУ Центар за култура Битола ќе одржи симфониски концерт за деца, ќе ја изведе популарната оркестарска суита „Петре и волкот” под диригентство на маестро Борјан Цанев.

 

petre i volkot plakat
„Петре и волкот” е едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев и е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца. Суитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот. На пример, наведуваат од Филхармонијата, во „Петре и волкот” флејтата е птица, обоата е патка, кларинетот е мачка, фаготот е дедото, гудачките инструменти се Петре итн.

Приказната го следи Петре, кој поминува некое време во куќата на својот дедо сместена во шума. Еден ден тој не сакајќи ќе ја остави вратата од дворот отворена, и покрај тоа што дедото ќе го предупреди да не го прави тоа, бидејќи во шумата живее опасен волк. Петре во тоа нема да верува, но кога навистина ќе се појави волкот, тогаш ќе започне неговата авантура, обидувајќи се да го фати.

И овој пат наратор ќе биде миленикот на детската публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.

Влезниците по цена од 100 денари може да се набават на билетарата на ЦК Битола.

 

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*