Don't Miss
Home / Uncategorized / Сите кои протестираа во Собранието не се терористи

Сите кои протестираа во Собранието не се терористи

Пред денешните настани и манифестации по повод одбележувањето на 100 години од Првата светска војна, амбасадорот на Франција во Република Македoнија, неговата ексленција Кристијан Тимоние за Битолски весник и Нова Македонија даде ексклузивно интервју. 

Македонија останува Македонија со географско име. Тоа ќе биде крај на едно долготрајно недоразбирање, кое постоело дури и пред создавањето на НАТО и на Европската унија, смета амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние.

Во оваа прилика пренесуваме дел од интервјуто, кое читателите на Битолски весник ке имаат можност да го прочитаат во среда во Битолски весник.

Ваша екселенцијо, деновиве кога Франција и Германија го одбележуваат денот на помирувањето, помирувањето како чин е присутно и на македонската политичка сцена. Таквата можност ја најави лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев. Дали Вие лично верувате дека во Македонија е можно да дојде до помирување на политичарите?

-Слогата меѓу граѓаните е минимален услов за напредок кон Европа. Помирувањето со своите соседи, пронаоѓањето на патот за искрена соработка меѓу заедниците, да се врати братството меѓу граѓаните и да се стави крај на скриената граѓанска војна помеѓу”приврзаниците” и “предавниците” е оној неопходен патоказ. Значи, треба да се престане со говорот на омраза: не, противникот не е во принцип “анти-западно” настроен, бидејќи е поврзан со одреден број на вредности кои одговараат на неговиот идентитет. Не, не сака да го “продаде името”, тој што смета дека дури и болните компромиси се неопходни за да се обезбеди влез на земјата во алијанса или унија! Исто така, важно е политичарите да се откажат од говорот на омраза или исклучувања и да бидат за пример. Но, тоа е став кој треба да се промени.

Можноста за помирување е во врска со настаните од 27 април, за кои како што изјавивте во едно интервју за Битолски весник  и лично ги доживеавте, бидејќи се најдовте пред парламентот. Дали во Македонија може да дојде до помирување по тие крвави настани кои можеа да доведат до меѓуетнички судир?

-Овие настани имале многу различни нивоа на одговорност и треба да се направи точна проценка, што може да потрае одредено време. Не можеме да ги ставиме на истото ниво, со добра причина, демонстрантите кои влегле во парламентот, со откриени лица и без насилнички намери, за разлика од маскираните и насилни луѓе, хулигани или дури и можни убијци. Не можеме да ги мешаме познатите личности кои имале барем храброст кога ги правеле своите постапки, кои ја презеле врз себе неоспорната одговорност, и заговорниците, кои можеа да ја воведат земјата во граѓанска војна, или кон сериозни внатрешни нарушувања. Ние не можеме сите да ги етикетираме како “терористи”. Оттука, кога се работи за доброто на земјата, тоа е она што ќе помогне во донесувањето на одлуките, да се пронајде онаа тешка рамнотежа меѓу човечкото разбирање и неопходното одржување на минималните стандарди без кои владеењето на правото е невозможно да се изгради. Не смееме да заборавиме дека одредени договори може да бидат извор за големи забуни кај луѓето во свет каде што реперите и вредностите стануваат неразбирливи. Неприфатливо е одредени лица, кои можеби биле организатори на тие насилства, да избегнат казна за своите дела, дури и за возврат на точно определени услуги.

Со изгласувањето на 80-те пратеници за отпочнувањето постапката за уставни измени, практично на повидок е прифаќање на Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција. Дали вие лично верувате дека со неговото изгласување во Собранието и прифаќањето на уставните амандмани, Македонија ќе стане членка на НАТО и ќе ги почне преговорите за ЕУ?

-К.Т: Оваа ратификација е неопходен елемент за отворање на патот кон интеграциите. Тој кон НАТО е најмалку тежок, кога ќе нема пречки од која било држава-членка. Франција, од своја страна, без двоумење ја поддржува кандидатурата на Скопје, како што изјави претседателот Макрон при средбата со премиерот Заев. Патот кон Европа бара нов напредок во областа на реформите, кои зависат од вас самите, а исто така, ќе биде потребно и од европска страна сите земји-членки да бидат подготвени да прифатат ново проширување. И ние имаме многу реформска работа што ни претстои за да ги примиме новите членки, сооглед на очигледните недостатоци на сегашната Унија. Но тоа не треба да нѐ спречи да работиме заедно, врз конкретни елементи за да бидеме подготвени, кога ќе дојде времето за интеграција.

Мислите дека Договорот од Преспа ќе биде изгласан во Грчкиот парламент?

-Во секој случај, тоа е она што го предвидува Договорот и она што го бараме, бидејќи овој договор е добар за целиот регион и за Европа. Ова го кажуваме во Атина, како и во Скопје.

Како Вие го оценувате Договорот за решавање на спорот со Грција за името?

-Потребна беше храброст за да се потпише и се уште ќе треба да постои добра волја за помирувањето да биде успешно. Духот на меѓусебното разбирање ќе биде мошне значаен, како и желбата двете земји да испишат нова страница во историјата на овој регион во светот, сто години по завршувањето на Првата светска војна.

Дали не сметате дека Македонија е можеби единствена земја во Европа која се најде пред исполнување на таков услов да мора да го смени името за да стане членка на НАТО и ЕУ?

-Македонија останува Македонија со географско име. Тоа ќе биде крај на едно долготрајно недоразбирање, кое постоело дури и пред создавањето на НАТО и на Европската унија. Отстапките ги чинат двете страни, како што можам да разберам од некои грчки пријатели, за кои отстапката во врска со името на Македонија на северниот сосед, го доживуваат како лична трагедија. Имам други пријатели кои плачеа овдекога се гласаше за уставните амандмани. Неопходно е да се почитуваат националните чувства, тоа е неоспорно. Тие носат жалење и огорченост, но дали треба по таа цена да се остане заробен во ситуација кога можеби имате право, но останувате во ќорсокак, изјави амбасадорпт Кристијан Тимоние во интервјуто за Битолски весник и Нова Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*