Don't Miss
Home / Македонија / СЈО ќе ги поднесе првите две обвиненија

СЈО ќе ги поднесе првите две обвиненија

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска ќе ги поднесе првите две обвиненија до Кривичниот суд, соопшти специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешната прес-конференција.

Првото обвинение се однесува на незаконско уништување на документација од системите на прислушување, за кое се товарат седум лица.

Второто обвинение се однесува на нарачаното насилство врз градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, за време на седница на општинскиот Совет и опфаќа 14 лица.

Двете обвиненија ќе се поднесат по скратена постапка, затоа што, како што појаснија од СЈО, се обезбедени доволно докази за да очекуваат осудителни пресуди.

– Првиот предмет е од огромно значење за мандатот на ова Обвинетелство. Се работи за уништување на документација повзана со системите за прислушување. Преземајќи истражни дејствија за тоа кој и зошто неовластено прислушувал, Обвинителство прибави доказен материјал и за други кривични дела. Од доказите произлезе дека првообвинетиот незаконито формирал Комисија и 247 службени списи биле уништени – рече обвинителката Фатиме Фетаи, презентирајќи го првиот случај за кој ќе биде поднесено обвинение.

Таа вели дека, според доказите, првообвинетиот началник од УБК издал усна наредба за годишно ништење на материјали, иако законските акти не дозволуваат обвинетиот да формира таква Комисија.

– Целта била да се уништат списите поврзани со работата на системите за следење на комуникациите, а уништени се и класифицирани документи – посочи Фетаи.

Во вториот предмет, СЈО отвора обвинение по телефонски разговор содржан во прислушуваните материјали, а кој опозицијата го објави јавно. Разговорот бил воден откако веќе била закажана седница на Советот на општина Центар за промена на детални урбанистички планови, вклучително и ДУП за Мал ринг.

– Ова јавно обвинителство презеде низа активности дали содржината на снимката има своја завршница. Поради наведените причини беа прибавени голем број видеозаписи, материјални докази, а беа испитани и 20 сведоци. Дел од сведоците побараа заштита – соопшти Фетаи.

Четиринаесетте лица се товарат за кривично дело насилство. Пет лица се обвинети како поттикнувачи и за девет лица како директни извршители на насилството.

– Од доказниот материјал произлезе дека во месец јуни првообвинетиот побарал, а второобвинетиот прифатил да извршат грубо насилство спрема градоначалникот на општина Центар. Анализите кои ги направи ова Обвинителство упатуваат на тоа дека мотивите на првообвинетиот за ова се чисто лукративни, за остварување на бизнис-интересите на партискиот врв – рече Фетаи.

Поради пресумцијата на невиност не се откриваат детали за идентитетите на лицата против кои се поднесени обвиненија. Обвинителката Ленче Ристовска рече дека нема да бидат побарани мерки за присуство за обвинетите, бидејќи истражната постапка е завршена за овие случаи и не наоѓаат дека има потреба од такви мерки.

Јанева: Јавниот интерес е на прво место

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е подготвена да се појави пред Советот на јавните обвинители и пред Собранието доколку тоа биде побарано од неа. Таа апелира законодавниот дом да ги донесе измените на законите поврзани со заштита на сведоците.

– Јавниот интерес е пред интересот на поединецот, особено пред оние што практикуваат власт. Измените се неопходни за да може ова обвинителство во целост да навлезе во случаите поврзани со Мартин Нешковски, Монструм и Сопот – рече Јанева.

Обвинителката Фетаи, пак, нагласи дека патот до правдата е еден за сите.

– Патот до правдата е еден, не трпи компромиси во корист на едни, а на штета на други. Постои само поделба на лица за кои постојат докази дека извршиле кривично дело и за лица за кои не постојат докази. Секој што се огрешил кон Кривичниот законик на Република Македонија ќе одговара – рече Фетаи.

Обвинителката Ристовка уште еднаш посочи, како што е наведено и во извештајот, дека рокот од 18 месеци не е доволен за работата на СЈО.

– Потребен е подолг временски период да се преслушаат снимките, потребни се анализи, прибавување докази. Досега се преслушани околу 12 отсот од снимките, но треба да се има предвид дека условите во кои работевме беа поспецифични, односно не беа сообразни со нашата работа. Се надеваме дека условите што сега ги имаме ќе придонесат за унапредување на динамиката на преслушување, но не треба да се заборави обемот на снименките – вели Ристовска.

Работата на СЈО низ бројки

Од формирањето на ова Јавно обвинителство и доделувањето за работа на првите истражители, заклучно со денешниот ден, истражителите имаат преземено повеќе активности во рамки на законските овластувања во однос на сите предмети што се водат пред ова Јавно обвинителство. Според извештајот изготвени се 340 службени белешки, реализирани се 324 учества на истражителите во сослушување на сведоците, остварени се 44 учества на истражителите на сослушување на осомничени/обвинети, остварени се 157 контакти со граѓани/извори на информации, изработени се 86 анализи/аналитички продукти, извршени се 6314 проверки во достапни бази на податоци, извршени се 192 увиди во документација на правни субјекти, спроведени се 8 учества на претреси, 9 учества во службени состаноци со надворешни субјекти, извршени се 22 оперативни набљудувања на лица и објекти, изготвени се 26 табеларни прикази за определени предистражни постапки, изготвени се 27 записници за примопредавање на лица и составени се 89 записници за прием на избирачки материјали. Од СЈО изјавија дека овој период од 18 месеца, не им е доволен за да се преслуша и изанализира целиот материјал што го поседуваат.

 

 

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*