Don't Miss
Home / Колумни / Солзите на Кочо

Солзите на Кочо

                           

           Како човек кој 40 години професионално е присутен во новинарството, кој пишувал на разни  теми, од  секојдневието и кој како дописник на десетина весници и ревии, во екс Југославија, видел секакви настани( среќни и тажни) можам слободно да кажам дека сум имун на солзите кај луѓето и не ги ценам многу “плачковците”.

          Иако некои лелекања кои сум ги видел и слушал и кај мене понекогаш предизвикувале емоции, сепак  сум настојувал некако да останам прибран и таквите плачења многу да не ме допрат.

          Но деновиве, кога имав еден искрен и емотивен разговор со основачот и идејниот творец на Детското ликовно студио “ Кирил  и Методиј “ и инициајтор за одржување на “Малиот битолски Монмартр “ Коста Хаџиантоновски, искрен да бидам неговите солзи предизвикаа емоции  и кај мене.

          Слушајќи го деновиве  Хаџата, за маките и проблемите со кои се среќавал пред и за време на одржувањето на Колонијата не можев а гласно да не се запрашам дали во овој град и држава има луѓе кои знаат да ги ценат вистинските вредности и до кога луѓето кои со своите дела на животот си прават споменик, мораме цело време да ги осудуваме  како Исус да се мачат и  измачуваат за тоа што го создаваат.

          Коста Хаџиантоновски е жива легенда на Битола, кој со својата добродушна  и пред се педагошка идеја, уште пред 38 години не Европа, туку  светот го донесе во Битола.

          “Малиот битолски Монмартр “ по многу нешта е Голем, кој во деновите кога се одржува  го надминува дури и вистинскиот Монамртр во Париз.

          Во оваа прилика ниту можам, ниту имам намера да ги набројувам сите успеси на Детското ликовно студио и Коста Хаџиантоновски, бидејќи за тоа би ми требало многу простор.

           Како човек кој уште од првиот ден е запознат со формирањето и работата  на Детското ликовно студио добро знам низ се што помина Коста кога излезе со идејата з аформирање на студиото и за сите негови маки, проблеми, успеси…

          Разговарајќи деновиве, по завршувањето на Колонијата за актуелните проблеми со кои се соочува тој  сега, многу ме погоди тоа што го слушнав.

          Како и во сите изминати години, Коста Хаџиантоновски и натаму се среќава со огромни проблеми во финансирањето на студиото и Колонијата.

          Него посебно го погоди тоа што оваа година од Министерството за култура доби само 100.000 денари и иронијата да биде поголема тие пари сеуште не се легнати на жиро сметката на студиото, а учесниците веќе си заминаа во своите држави.

          Тоа што ме растажи е што многу разбирање за проблемите со кои тој се среќава не само што нема во Министерството за култура и образование, туку нема и во својот град Битола.

          Поради нерешеното финансирање на Колонијата тој се до последниот ден, пред да биде отворена колонијата, немаше добиено речиси никакви средства.

          Освем разбирањето од неговите традиционални помагатели и спонзори “Фустеларко борец “ и “ Киро Дандаро”, а  годинава и кај градоначалничката Наташа Петровска  и кај некои јавни претпријатија, Коста многу малку средства добил од останатите битолски фирми и компании.

          Како и во други случаи, така и во случајот со Студиото, битолските добростоечки фирми и компании,  многу малку имаат разборање да ја помогнат не само Колонијата, туку и работата на Студиото, која се одвива во текот на целата година.

          Поради нерешениот статус Коста Хаџиантоновски  е принуден и во својата 83 година од животот сам да испишува над 2.000 дипломи за учесниците на колонијата и добитниците на наградите.

          Тој мора и во својата 83 година сам да се грижи буквално за се.

          Освем помошта на неговата ќерка Ели и неколумина негови пријатели и поддржувачи,тој едноставно во работата на Студиото  друга помош нема.

          Додека разговаравме никако не ми идеше в глава тоа што Коста мора и во 83 година се сам да работи, а за тоа време  стотици  службеници во јавната администрација, или државна управа да седат дома и да примаат плата, без притоа  ништо да работаат.

            Во разговорот  никако не можев да сфатам дека и по толку години сеуште не е решен  работниот статус на неговата ќерка Ели, која во моментот му е десна рака на Коста и која најповеќе му помага.

          Зарем при толкава превработеност, државата  и Битола немаат пари да му го решат работниот статус на Ели, или пак да вработаат луѓе кои го сакаат ликовното творештво кои ќе му помагаат на Коста и кои не само што ќе го зачуваат ова  непроценливо богатство со кое располага Студиото туку и ќе ја продолжат неговата активност.

          Во едни други времиња, на  т.н. едноумие, имаше луѓе кои само по еден разговор со Коста  трајно му го решија просторниот проблем на студиото, доделувајки му објект во чаршијата на трајно  бесплатно користење.

          Тогаш Коста не мораше да лее солзи за да ги (раз) убеди дека Битола треба да му даде соодветен простор за работа на студиото и чување на ликовните творби.

          Тие години во т.н социјализам Коста не мораше многу  да размислува ни каде ќе се сместуваат, ни што ќе јадат, ни со што ќе патуваат   учесниците на Колонијата, зашто тоа во најголем дел беше грижа на  “Југотутун “ со директорот  Александар Зариевски.

          Сега Битола се доведува во ситуација да го принудува Коста Хаџиантоновски пред секоја колонија    да размилсува за решавањ ена тие проблеми.

          Во Битола обично кога се говори за иднината се навраќаме на минатото и се истакнуваат вредностите на овој гард со некои личности кои ги славиме откако починаа.

          Коста Хаџинатоновски е жива легенда на Битола, Македонија и светот. Него треба да му се помогне сега, додека е жив, овие свои години да ги помине во безгрижна старост и безгрижно  организирање на Колонијата и советување на младите како да го продолжат неговото дело.

          За тоа не се потребни ни големи пари, ни некои значајни издвојувања. Потербна е самод обра волја.

          А таа во моментот во овој град најмногу ни недостига.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*