Home / Вести / Советниците ја изгласаа завршната сметка, Советот не се самораспушти

Советниците ја изгласаа завршната сметка, Советот не се самораспушти

И покрај тоа што седницата на Советот на Општина Битола почна и помина во напната атмосфера, со барање оставки и најави за кривични пријави, сепак, таа заврши во стилот многу врева за ништо.

За завршната сметка на Општина Битола гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, “Поинаку”, ДУИ и ДОМ, а против беа само двајцата советници на партијата Левица.

Иако, советниците на СДСМ и “Поинаку” го критикуваа работењето на градоначалникот Тони Коњановски, а претседателката на Советот, Габриела Илиевска побара дури и негова оставка, сепак, најголемиот број советници гласаа за усвојување на завршната сметка.

Со тоа пропадна шансата завршната сметка да не биде усвоена и да се оди на предвремени Локални избори во Битола за нов состав на Советот.

Советниците од новото мнозинство истакнаа дека тие за усвојување на завршната сметка гласаа во интерес на градот, а од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со денешното гласање советниците на новото мнозинство не гласаа за интересите на битолчани, туку да си ја спасат нивната кожа и да не ги изгубат советничките места.

Со изгласувањето на завршната сметка, не се решија недоразбирањата во Битолскиот Совет, и тие и натаму остануваат.

-Со усвојувањето на завршната сметка, новото мнозинство се демантираа самите себе и ги демантираа сите нивни досегашни обвинувања за работата на градоначалникот и општинската администрација-рече битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

Координаторот на советничката група Методија Илиевски рече дека СДСМ и коалицијата гласаа за завршната сметка, за да го зачуваат легитимитетот на Советот во кој се носеле важни одлуки и да не му прават како што рече ќеф на одредени поединци.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*