Don't Miss
Home / Uncategorized / Тома Фила почесен доктор на науки на Битолскиот универзитет

Тома Фила почесен доктор на науки на Битолскиот универзитет

Познатиот битолски адвокат Тома Фила, инаку син на адвокатот Фила Филота, кој неколку децении живее и работи во Белград, Србија, е избран за почесен доктор на науки на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ во Битола.

Ова високо признание на Тома Фила, кој во својата богата адвокатска кариера има брането над 900 обвинети за убиства, потоа Слободан Милошевиќ, во Хаг и други Хашки затвореници, викендов свечено му беше врачено во Заводот и Музеј Битола, каде се одржаа свеченостите по повод одбележувањето на 37. годишнината на Универзитетот.

Нагласувајќи дека е почестен што го добива ова високо признание, адвокатот Тома Фила меѓу другото истакна дека многу е благодарен за признанието што му се доделува токму во неговиот роден крај, Битола, и дека тоа претставува врв на неговата адвокатска кариера.

-Многу сум благодарен што тоа се случува во мојот роден крај и не само да пееме “Битола мој роден крај“, туку и да уживаме во мојот роден крај. Ова е прекрасен град, град во кој неговите жители успеаја да го внесат европскиот дух. Моето семејство е од Битола. Јас никогаш не го заборавив своето потекло, бидејќи знам дека човек без корен нема своја вредност, а мојот корен е овде во Битола. Србија е мојот дом, но Македонија е мојата татковина, рече Тома Фила, додавајќи дека никогаш не се откажал од потеклото, ниту пак од македонското државјанство, а сепак бил избран за претседател на Адвокатската комора на Србија.

-Секогаш се борев да го бранам човекот, а не кривичното дело, нагласи адвокатот и почесен доктор на науки, Тома Фила, потенцирајќи дека титулата му ја посветува на својот татко, познатиот адвокат и борец за човекови права Фила Филота.

-Мојата единствена вистинска љубов е адвокатурата. Јас никогаш не мислев, а и сега не мислам дека адвокатурата е занимање. За мене адвокатурата е начин на живеење, “цел човек“, рече еден од најпознатите балкански адвокати, кој најави формирање на фондација на неговата канцеларија во Битола, која би функционирала во интерес на студентите и Универзитетот.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*