Нема промени во политиката на признавањето на Пекинг како единствена Влада на единствена Кина, изјави вчера портпаролката на Белата куќа за национална безбедност Емили Хорн, откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп разговараше телефонски со претседателката на Тајван Чај Инг-вен.
Светски медиуми оценуваат дека Трамп ризикува да го предизвика бесот на Кина поради разговорот со властите на Тајван.
Со овој остров, кој Кина го смета за дел од својата територија, САД ги прекинаа дипломатските односи во 1979 година, кога е прифатена политиката на единствена Кина.
Американски медиуми оценуваат дека е исклучително необично и без преседан американски претседател или новоизбран претседател на САД директно да разговара со тајванскиот лидер.
Министерот за надворешни работи на Кина Ванг Ји во меѓувреме изјави дека телефонскиот разговор на претседателката на Тајван со Трамп „бил трик на Тајван кој не може да ја промени политиката на единствена Кина“.
– Сметам дека тоа нема да ја промени политиката на единствена Кина, која САД со години ја поддржуваат. Таа политика е камен-темелник на нашите односи, а ние не сакаме никакво мешање или исчезнување на таа политика – рече Ванг.
Претседателката на Тајван го повика телефонски новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, со кого разговараше за идните односи меѓу САД и Тајван.
Во соопштението од кабинетот на Чај Инг-вен е наведено дека таа се радува на јакнењето на билатералните односи и поблиската соработка.
– Претседателката му кажала на Трамп дека се надева оти САД ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на Тајван повеќе да учествува во меѓународните случувања во иднина. Тие двајца разговарале и за зајакнување на националната безбедност, со цел да се подобри животот на обичните луѓе – се вели во соопштението.
Тимот на Трамп соопшти дека двајцата лидери го потенцирале постоењето на „блиски економски, политички и безбедносни врски“ меѓу Тајван и САД.
Трамп на Твитер објави дека претседателката на Тајван го повикала за да му ја честита изборната победа и оти тој ѝ се заблагодарил на тоа.