Home / Uncategorized / Тунтев од пратеник стана директор

Тунтев од пратеник стана директор

Во пресрет на последното гласање на уставните амандмани, со кои треба да се имплементира Преспанскиот договор и да се деблокираат евроатланските интеграции на земјава, координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев се повлече од парламентот.

Имено, Тунтев ја менува пратеничката функција со директорското столче во Агенцијата за цивилно воздухополовство, за која аплицирал пред неколку месеци поради, како што своевремено објасни за медиумите, лични, професионални и стручни причини.

На денешната собраниска седница, тој не ги образложи причините за оставката, но, сепак, таа беше констатирана, па спикерот Талат Џафери ја извести Државната изборна комисија.

Исто така, и ДИК денеска има закажано седница на која на дневен ред е оставката на Тунтев, чие место во парламентот треба да го зазеде Рубин Земон, кој е следен на партеничката листа од која е избран досегашниот сдсмовски координатор.

На овој начин, Тунтев се повлекува од парламентот непосредно пред гласањето на уставните измени, кои, меѓу другото, предвидуваат промена на уставното име на државата, но и овозможуваат членство во НАТО.

На новото работно место во АЦВП, пак, тој треба да зема плата од околу 2.000 евра, која е речиси двојно поголема од пратеничката плата, без патни трошоци, кои во изминатиов период беа редуцирани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*