Новата Влада ќе го продолжи проектот за унифицирање на старата скопска чаршија со кој излозите од автентичниот дел на градот добиваат ист изглед, и покрај реакциите од јавноста да не се менува оргиниралноста на архитектурата. Но проектот ќе се прошири и надгради. Реконструкции на излозите ќе добијат и објектите во чаршиите во Охрид, Струга и Битола.
Министерството за економија бара фирма која ќе изготви проектно решение за Старата Скопска Чаршија, Охридската Чаршија, Битолската и Струшката Чаршија. За проектот се подготвени да одвојат 69.000 евра.
Проектот вклучува техничка документација за конзервација, санација и адаптација на излози и натписи на дуќаните и е во рамки на Програмата за ревитализација на Старата Скопска Чаршија усвоена од претходната Влада.
„Министерството за економија согласно со Програмата за развој на туризмот за 2015 година, има предвидено активност за Унифицирање на излозите и рекламите на Старата Скопска Чаршија и други стари чаршии во различни градови во Република Македонија (Охридската, Стручката и Битолската Чаршија). Министерството за економија во 2015 и 2016 година по подготвувањето на тејничката документација за 60 дуќани во Старата Скопска Чаршија, истите ги субвенционирање во делот на уредувањето на излозите и рекламите“, велат од Министерството.
Целта е, додаваат од таму, да се врати автентичноста на објектите. Оваа година, велат, ќе се продолжи со проектот, а ќе бидат опфатени што е можно поголем број на дуќани.
Операторите ќе треба да побараат и стручно мислење од Конзерваторскиот центар во Скопје, како и Управата за заштита на културното наследство. Нивните проекти треба да бидат во согласност со Законот за заштита на културното наследство и Законот за прогласување на Старата Скопска Чаршија за културно наследство од особено значење.
Дуќаните ќе добијат фасада со хоризонтален натпис, зеленило на влезот како жардињери, висечки саксии и вертикални саксии, како и настршница во склоп на излогот онаму каде што постојат услови за тоа. На излозите ќе се стават окови. Нивната конструкција треба да биде од масивно дрво.
Старата Скопска Чаршија претставува најголема чаршија на Балканот, која се наоѓа надвор од Истанбул. Лоцирана на источниот брег на реката Вардар, чаршијата била градски центар за трговија уште од 12-от век. Скопската чаршија брзо се развивала, а нејзиниот врв го достигнала за време на османлиското владеење на балканските простори. Како доказ за тоа се многубројни објекти кои биле лоцирани во старата чаршија, како што се џамиите, неколкуте анови и други турски објекти. Иако исламската архитектура доминира во чаршијата, сепак постојат и неколку цркви.
Археолошките докази пронајдени на тврдината Кале сугерираат дека Старата Скопска Чаршија била населениа уште во 4.000 година п.н.е., додека првите историски записи укажуваат на тоа дека за прв пат чаршијата била населена во 6 век п.н.е. од страна на Пајонците.
Чаршијата го достигнува својот врв за време на османлиското владеење кога станува еден од најважните економски центри.
Охридската, Струшката и Битолската Чаршија се исто така многу значајни монументи од македонската историја. Истите претставуваат симбол на старите занаети, култури и традиции и ја збогатуваат туристичката понуда на градовите.