Don't Miss
Home / Колумни / Веќе видено

Веќе видено

Пред неколку дена на Самитот на лидерите на ЕУ, што се одржа во Брисел, Македонија повторно не доби датум за почеток на преговорите за влез во Европската унија. Европските лидери на последниот самит едноставно ја премолчија препораката на Советот на Европа, шеста по ред, за одредување датум за почеток на преговорите.

Со оглед на тоа што ваквата одлука на Брисел беше очекувана, таа не предизвика никаква реакција кај македонската јавност. Дури, напротив, може да се рече дека Самитот помина без и да се забележи, а македонската јавност и политичките партии не почувствуваа потреба барем да искажат доза разочараност заради таквата одлука на Брисел.

Иако секој ден сме сведоци како политичките партии и политичарите во Македонија ни ја полнат главата со нашите европски перспективи, како и нивната, наводна, посветеност за влез во европското семејство, сепак, ако се суди според нивната реакција по одлуката на европските лидери, која едноставно изостана, тогаш ми се чини дека за нас, сегашната генерација, европската приказна станува само неотсонуван сон и барем во блиска иднина Македонија не може да се надева не само на влез во ЕУ, туку ни на почеток на преговорите.

Македонската јавност едноставно Сами-тот на лидерите на ЕУ во Брисел го премолча. Буквално ни збор не се кажа или напиша за негативната предновогодишна честитка од Брисел. Сега, кога ни шестата препорака за почеток на преговорите не наиде на разбирање кај европските лидери, се чини дека на сите ни е јасно дека колку и да се трудат нашите политичари ситуацијата да ја прикажат во поинакво светло, сепак Македонија е подалеку од кога било порано на патот за Брисел.

Со новата шлаканица од Брисел, само се потврдија претпоставките на упатените во европските (не)прилики дека во овој момент Република Македонија не е во фокусот на интересирањето на европските лидери. Преокупирани со украинската криза и студената војна со Русија, на Европа во овој момент не и паѓа на памет да троши време за европската перспектива на Македонија.

Иако во некои добри времиња за себе мислевме дека сме лидери на Балканот и дека сме (нај)интересни за ЕУ, како што одминуваше времето наместо повеќе да се приближуваме кон Брисел ние се повеќе се оддалечувавме за сега да се најдеме меѓу земјите кои во блиска иднина не можат воопшто да сметаат на почеток на преговорите, а камоли на влез во ЕУ.

Иако некогаш беа далеку зад нас, во овој момент за Брисел се многу поинтересни Црна Гора и Србија, кои веќе ги отворија некои поглавја од преговорите, а во игра за влез во ЕУ е и Косово.

За тие кои заборавиле само да потсетам, дека кога Македонија во Загреб го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, на која присуствув и јас, Хрватска беше далеку зад нас и можеше само да сонува за добивање кандидатски статус, а Србија, или Црна Гора не беа речиси во никаква комбинација.

Но, сега Хрватска е веќе членка на ЕУ, а Србија и Црна Гора не само што се стекнаа со кандидатски статус, туку и ги отворија преговорите за влез во ЕУ. Иако и тие до 2019 година, поради мораториумот на Брисел не можат да сметаат за влез во ЕУ, сепак, за разлика од нас, и Србија и Црна Гора со крупни чекори чекорат кон престолнината на ЕУ, со надеж дека по истекот на мораториумот што го најави новиот европски комесар Јункер, тие ќе бидат земјите кои ќе влезат во ЕУ.

Со оглед на тоа што секоја земја е посебна приказна за себе и што за разлика од нас тие го немаат проблемот со Грција, сепак навистина делува фрустрирачки дури по 6 позитивни препораки, Македонија се уште да не може да го отвори првото поглавје од преговорите. Во ситуација кога Грција последните години е во континуирана не само економска, туку и политичка криза и кога на Самарас ни на крај памет не му паѓа да седне со премиерот Никола Груевски за да ги откочат преговорите, тешко е да се верува дека барем во блиска иднина Грција ќе го смени својот став за ветото со кое ја спречува Репу-лика Македонија да ги почне преговорите.

За да се водат преговори, како што често пати вели Груевски, треба да се има соговорник од другата страна. Во овој момент таква личност од Грција нема. Но во овој момент се поставува прашањето колку Македонија ја искористи приликата кога Груевски со Папандреу се среќаваа и премногу често расправаа за решавање на проблемот.

Ако ме служи памтењето, двајцата премиери во кус период се сретнаа дури 7 пати. Но по секоја нивна нова средба следуваше старо соопштение, дека единствениот договор е дека нема договор. Дали тоа значи дека и кога има средби резултатот е ист како и кога нема средби.

Но, без разлика на пречката од Грција, мораме искрено да признаеме дека добар дел од вината за ваквата статус кво ситуација сносиме и ние самите, бидејќи кај нас политичките партии наместо да се обединат околу ова стратешко прашање, тие со своите постојани кавги само ги продлабочуваат проблемите и ги зголемуваат обврските што треба да ги исполни Макеоднија на патот кон Брисел.

За таквата инаетчиска политика мислам дека најмалку ни е виновна Грција, па и Брисел. Кај нас одамна партискиот интерес е далеку пред државниот и затоа воопшто не треба да не чуди што се уште сме таму каде што сме.

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*