Германската компанија „Кромберг и Шуберт” наскоро ќе почне со изградба на својата 23-та фабрика во светот. Тоа што особено ги радува битолчани е информацијата дека, покрај 22-те постојни фабрики што „Кромберг и Шуберт” веќе ги има изградено речиси на сите континенти во светот, 23-та фабрика ќе биде изградена во Битола, поточно во индустриската зона Жабени, која се наоѓа во непосредна близина на самиот граничен премин Меџитлија, со соседна Грција.
Можноста дека „Кромберг и Шуберт” има намера да изгради нова фабрика во Битола, која ќе вработува најмалку 2.000 работници, ја соопшти градоначалникот на Битола, Владимир Талески, по средбата со новата германска амбасадорка во Република Македонија, Кристина Д. Алтхаузер.
– Деновиве добив информација дека во „Кромберг и Шуберт” сериозно размислуваат наскоро да почнат со изградба на нова фабрика, која би била во рамките на веќе постојната фабрика, која се наоѓа во индустриската зона Жабени, или во нејзина непосредна близина. „Кромберг и Шуберт” уште кога аплицираше за изградба на првата фабрика, купи земјиште во непосредна близина на фабриката, со намера, доколку се покаже потреба, да изгради уште една фабрика во близината на првата фабрика – нагласи градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Инаку во постојната фабрика на „Кромберг и Шуберт”, во која се изработуваат кабли за автомобилската индустрија за возилата „ауди”, „мини морис”, „БМВ” мерцедес” веќе работат над 2.200 работници, со тенденција нивниот број до крајот на годината да се заокружи на 2.500 работници.
Во фабриката постојано има отворени огласи за прием на нови работници, а обуките и интервјуата на тие што аплицираат за работа веќе станаа секојдневие.
Доколку се изгради новата фабрика во индустриската зона Жабени, ќе се вработат уште над 2.000 работници, со што вкупниот број на работници што ќе работат во фабриките на „Кромберг и Шуберт” во Битола ќе се заокружи на 4.500 работници.
Со ваквата бројка оваа компанија би станала најголем работодавец не само во Битола туку и во регионот и би вработувала многу повеќе работници и од најголемиот електроенергетски комбинат во државата, РЕК „Битола”, каде што работат околу 3.000 работници.
– Кога ние ја пласиравме идејата за изградба на индустриската зона Жабени, каде што земјиштето за изградба на фабрики и други стопански капацитети го понудивме по почетна цена од само 1 евро за квадратен метар, многумина, а особено од опозицијата, се шегуваа на таквата наша иницијатива.
Но сега се гледа дека сонот стана реалност и дека „Кромберг и Шуберт” е фабриката што ако не ја реши, барем во голема мера ќе ја ублажи невработеноста, не само во Битола туку и во регионот.
Овој капацитет ќе биде најголемиот во Битола, кој по своето значење нема да биде помалку значаен од РЕК „Битола”, кој по бројот на вработените лица без сомнение во моментот е најголем капацитет во Битола – нагласува градоначалникот на Битола.
Инаку, германската фабрика „Кромберг и Шуберт” е фамилијарна компанија од автомобилската индустрија, која има успешна историја и развој повеќе од 110 години. Таа денес е еден од светските лидери за производство на кабелски инсталации, пластична технологија и мехатроник, која има 27 илјади вработени во 22 фабрики во светот.
М.Младеновски