Граѓаните, особено повозрасните и хронично болните, главно дисциплинирано се справуваат со високите надворешни температури и летните горештини. Но, заладувањето викендов, кое се очекува како олеснување, може да донесе и проблеми за здравјето. Имено, метеоролозите најавија позначително намалување на температурите и врнежи во сабота и во недела. Тие ќе значат нагла промена за организмот, па треба да се биде внимателен.
Викендов минималната температура на воздухот ќе се движи од 11 до 17 степени Целзиусови, а максималната од 20 до 27 степени.
Таа промена, велат лекарите ќе значи шок за организмот.
– Кај помладите може да се случи намалување на крвниот притисок. Тоа значи дека може да чувствуваат омалаксаност, млитавост, сонливост. Значајно е да пијат доволно вода и редовно да ги јадат оброците -предупредуваат лекарите.
За полесно да ги поднесат промените, повозрасните и хронично болните, треба прво доволно да спијат деновиве.
Болните со болести на срце и крвни садови треба и редовно да ја земаат терапијата, а за секое влошување на побараат лекарска помош. Нивните крвни садови не се толку еластични, па наглите промени може да им влијаат. На организмот му треба време за да се адаптира на промените.
Всушност препораките за внимателност со терапијата важи за сите хронично болни.
Промените многу ги чувствуваат и метеопатите. Најчести симптоми што ги чувствуваат се главоболка, потиштеност и непријатна болка во коските и во зглобовите, замор, нагли промени на расположението, намалена концентрација, безволност, раздразливост, апатија и нарушување на сонот.
Згора на тоа, тука се главоболката, мигрената, мачнина, вртоглавица, ревматски тегоби, болки во мускулите. Времето влијае и врз дигестивниот тракт и честа е појавата на изразен гастритис и болки во стомакот, во случај на чир на желудникот и на дванаесетпалечното црево.
Наглата промена на времето предизвикува поголема зачестеност на срцевите и на мозочните удари, воспаление на белите дробови и астматични напади кај постарите лица и кај хроничните кардиоваскуларни болни.