Home / Uncategorized / ВМРО бара амнестија за насилниците од 27 април

ВМРО бара амнестија за насилниците од 27 април

ВМРО-ДПМНЕ бара итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на 27 април 2017 година.

-Извршниот комитет на партијата констатираше дека во изминатите 5 месеци очигледна е политиката на власта за масовно ослободување на криминалци од затворите и притворските одделенија по разни фабрикувани правни основи чии заеднички именител е политичка интервенција од власта-се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека непосредно пред почетокот на изборната кампања, владата објавила дека ќе усвои закон за амнестија на затворениците, со кој ќе бидат амнестирани околу 1.050 затвореници за сторени тешки кривични дела меѓу кои огромен дел се кривични дела за тешки телесни повреди. Иако ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави на оваа идеја која имаше јасна политичка заднина во пресрет на изборите, јасно е дека истата ќе биде реализирана заради одлуката на владејачкото мнозинство во парламентот предводено од СДС и ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ од секогаш се залагаше за правда и правна држава, но очигледно е дека по доаѓањето на власт на СДС, такво нешто веќе не постои, и има само селективна правда, политички реваншизам, контролирано од власта обвинителство и суд, и масовно ослободување на прекршителите на закони кои се блиски или корисни за власта, а на сметка на тоа драстично казнување на неистомислениците, велат од партијата.

Според тоа извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ информира дека покренува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на Република Македонија на 27-ми април 2017-та година.

-ВМРО-ДПМНЕ иако беше со блиски а во некои делови и идентични ставови со ставовите на граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија која јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните кои протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести. Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно било какво натамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27ми април-велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека сочувствуваат и жестоко ги осудуваат повредувањата на пратениците на 27-ми април, но не сметаат дека нивните рани повеќе болат од раните на оние лица чии сторители наскоро ќе бидат ослободени со законот за амнестија веднаш по изборите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*