Во отсуство на реакција од страна на државните институции ние како партија ќе се саморганизираме со народни стражи – гарант на демократијата и граѓанската волја, најави денеска Спиро Ристовски, претседател на Републички изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
-Тимови од ВМРО-ДПМНЕ се на терен и сите нарушувања и прекршувања на изборниот процес ќе ги документираат. Сите овие нерегуларности говорат дека СДС е во огромна нервоза, свесни дека не може да ја променат волјата на народот. Ова се чекори на очајни луѓе и луѓе во паника. Порачуваме сите нерегуларности, со сите нарушувања и прекршувања на изборниот процес сепак убедливо ќе бидат поразени и нема да успеат да ја променат и победат волјата на граѓаните. Граѓаните на 15-ти ќе ја испорачаат последната порака дека време е за новата ера. А за сето ова што го прават порано или подоцна ќе има одговорност и ниеден нема да биде поштеден, за сите нарушувања и прекршувања на изборниот законик, рече Ристовски.
Тој додаде дека за време на изборната кампања се случиле сериозни нарушувања и опструкции на изборниот процес, фрлајќи темна дамка на демократскиот амбиент кој е важен за спроведување на изборите.