Општина Новаци со пари од ЕУ фондовите моментно врши деминирање на патеката Нешева тумба, Лаките која се наоѓа во реонот на Кајмакчалан.
Активноста започна на почетокот на јуни а се очекува да заврши до крајот на месец јуни или почетокот на јули.
-На територијата на општина Новаци има многу неексплодирани убојни средства од Балканските војни и Првата светска војна,особено на оваа локација кај Кајмакчалан каде врвела линијата на т.н Солунски фронт. Во моментот се врши детектирање на истите и нивно отстранување од теренот а потоа и уништување или депонирање во просториите на Дирекцијата за заштита и спасување- информира Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.
Деминирањето се врши на местото каде ќе се обележува туристичка патека заради безбедност на туристите.
-Досега се најдени околу дваесеттина неексплодирани убојни средства и тоа најчесто артилериски гранати, рачни и авио бомби. Ваквите НУС имаат голема експлозивност и убиственост па затоа претставуваат закана и треба да се отстранат. Особено голема опасност претставуваат при појава на шумски пожари па заради нивното експлодирање од топлината се оневозможува активирање на човечкиот фактор при гаснење- вели Горѓи Стефановски, деминер.
Патеката Нешева тумба, Лаките се наоѓа на југо-исток на 53 км од Новаци на надморска висина од 1100 метри во должина од 3200 метри и ширина од 10 метри или вкупна површина од 32 000 метри квадратни.
Б.В.