Јавното oбвинителство во наредните две седмици ќе излезе со информации за резултатите од предистражната постапка за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и начинот на кој ја напуштил земјава. Наредната недела претставници од Обвинителството ќе одат во Црна Гора да ги земат видео материјалите поврзани со овој случај, а од Албанија се бара и таа што поскоро да ги достави материјалите со кои располага.
– Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и во понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата вчера ургираше во Албанија да ни се достават што поскоро материјалите што тие ги имаат, изјави денеска обвинителката Вилма Рускоска одговарајќи на новинарски прашања пред одржувањето на конференцијата поврзана со борбата против корупцијата.
Таа додаде дека прегледувањето на снимките што ги имаат е веќе при крај и најави дека очекуваат во наредните две недели да излезат со соопштение за резултатите од предистражната постапка.