Деновиве во Националната и универзитетска библиотека “Климент Охридски“ во Битола битолскиот писател Владимир Костов беше прогласен за почесен член на МАНУ.
По тој повод за ликот и делото на Костов зборуваше академикот проф.д-р.Ѓорги Старделов, кој зборувајќи за Костов меѓу другото рече:
-Од 1967 г., кога Владимир Костов го објави својот прв роман, “Лица со маски“, па се до последниот “Дива мисла“ (2014), минуваат, еве, шест децении. Во сите овие години се појавуваат неговите романи, новели и раскази, од кои, повеќето од нив, спаѓаат меѓу најзначајните антологиски прозни дела печатени на нашиот јазик, а, притоа ние, со ретки исклучоци, не стасавме да го констатираме и објасниме токму тој факт- книжевниот феномен Владимир Костов, автор кој спаѓа меѓу највидните раскажувачи што се појавија во нашата литература во трите последни децении на македонскиот книжевен XX XXI век.
Роден во Битола во 1932 г. Костов остана во својот роден град да го векува целиот свој живот, а сета Битола пак да векува во неговата обемна литература. Битола го најде во овој наш автор својот редок книжевен хроничар.
Тој ја откри неа, нашата Бабам Битола, во временски распон од повеќе столетија. На тој начин Битола, како Кукулино кај Славко Јаневски или Пасквелија кај Живко Чинго, израсна како спиритус лоци на неговата проза.
Но, во творештвото на Костов, Битола не е само онаа која ја познаваме од Камерата 300 на браќата Манаки, т.е. онаа попознатата европска и балканска конзулска Битола, туку таа во неговото творештво доби еден сосема нов лик.
Во неа откриваме една непозната, една средновековна Битола како богомилска тврдина, како град на Светите Апостоли, како престолен град на цар Владислав, како град на големи антички и средновековни споменици со бројни и неизбришливи траги од тие времиња.
Но, феноменот Владимир Костов е токму во тоа што ниту една негова книга, како книга за Битола, нема само битолско, односно само регионално значење.
Владимир Костов, и во тоа претставува ретка книжевна појава, Битола ја воздигна во духовно средиште, во свој книжевен Космос.
Многу од неговите книжевни теми кои се случуваат во битолскиот ареал имаат универзално значење и само на ограничената распространетост на јазикот на кој тој пишува се должи фактот што Владимир Костов остана непознат во поширокиот балкански и европски простор.
Во својот обемен прозен опус Владимир Костов создаде стотици ликови до него непознати во нашата литература. Тоа се еден до друг амбициозни луѓе, кои сакаат да освојат и да земат се што можат од животот, за на крај да изгубат се.
Тие вријат во големи и нескротливи страсти. Длабоко се нагризени од големи сомненија за смислата на земниов опстој на човекот. Застапуваат оригинални идеи (идејата, вели Костов, е позначајна од ликот) во кои и со кои жестоко се спротивставени едни на други. Неговите оригинални идеи ги носат и реализираат ликови исполнети со ретка енергија која ги турка и упатува на неумолива и најчесто на трагична акција.
Нив ги покренуваат исклучителни, дури неверојатни настани и ги нагризуваат тешки метафизички и морални јанзи. Во таа смисла неговата литература ни откри една друга, една досега непозната Битола, Битола со нејзината катадневица, но и Битола со своите легенди, митови, преданија и претсказанија; една, значи, досега невидена, мистична и мистериозна Битола. Нејзиниот автор, Владимир Костов, навлезе во сите, дури и во најскриените катчиња на овој град и затоа толку длабоко и сеопфатно го откри него, а со него и битолчани, оние типични претставници на сите нејзини социјални слоеви, што ги соголи до дно.
Владимир Костов со својата колосална книжевна волја ни ја принесе Битола на тас, како што Владислав, внукот на Самоил, последниот македонски цар, чија престолнина била во овој наш знаменит град, својата отсечена глава од неговиот шура не дозволувајќи таа да падне на земја, па ја начекал во своите раце и јавајќи на коњ ја положил на жена си в скут.
Владимир Костов, во современата македонска литература ја обновува поетиката на магискиот реализам и, за разлика од многумина наши раскажувачи, не се потпира во својата литература само на огромното интуитивно познание, туку, демонстрира во својата проза, една ретка ерудиција од енциклопедиски формат што ги опфаќа речиси сите области на културата: историјата и теоријата на светската литература, византиското и светското сликарство, историјата и математиката, филозофијата и лингвистиката, психологијата и психоанализата, физиката и митологијата, археологијата и етнологијата, и, што е најбитно, тој го осознава дури и она што никогаш никаде ниту можел да го види, ниту пак прочита и спознае.
Голема е неговата авторска моќ да ги зафати своите ликови во и од корен.
Дотолку повеќе што во неговата проза дефилираат ликови од сите класи и сталежи, од различни семејства, политики и вери, од различни професионални бранши. Тоа ме упати кон сознанието дека новата македонска епоха од втората половина на ХХ век и наизменичноста на политичките промени што се случуваа кај нас во овој период, ретко кој толку храбро и непоткупливо ги согледа и откри во таква изворна светлина како што тоа го стори тој и неговата литература.
Владимир Костов успеа не само да ги зафати социјалните и политичките страни и странпатици на таа македонска епоха, туку ја долови нејзината душевна, духовна и морална структура.
Тој израсна во метеоролог на социјалните атмосферски струења во нашиот живот последново столетие; во геолог на македонските национални трауми; во хемичар на највехементните и на најизвртените страсти; на лудите и слепите нагони; во фројдовски аналитичар на еротскиот и пансексуалниот нагон што ја разбудува, мотивира и раздвижува темната хемисфера на човечката егзистенција, онаа ноќна, окултна и мрачна страна на човековото постоење.
Владимир Костов и неговата прозна уметност имаат една битна предност над повеќето македонски раскажувачи.
Во својата генерална романсиерска линија, во неговите најпознати романи: “Лица со маски“, “Свадбата на Мара“, “Нов ум“, “Учителот“, “Црквичето Четириесет маченици во Битола“, “Клетва“, “Грешки“, “Тане“, “Битолски триод“, “Битолска хроника“, “Обителска трагедија“ итн. тој ќе остане романсиер, од една страна, на подвигот, а, од друга, на моралниот слом на генерацијата од 1941.
Во неговите познати романи е опишана волјата на таа генерација да го преобрази светот (примитивниот комунизам), но паралелно со тоа, со откривањето на нејзината нехумана револуционерна акција, ја подлегна на жестока критичка објективација нејзината хипокризија и морална деградација.
На пример, во 1945-тата, кога се спроведува конфискацијата на имотите, особено на златото на т.н. класен непријател, него алчно го присвојуваат т.н. победници, од разните Ризанковци и др. Тогаш се случува палењето на книгите на Шекспир, на Толстој, Иго итн., од кои некои се продавале на семкарите за ќулавки, а со некои што биле од корици од мека кожа (како Хрисовулот на пергаментен свиток) Ромите ги крпеле алиштата, чевлите, скинатите дајриња и тапани.
Од сите тие нови настани, од сите тие нови празнувања, од сите тие нови социјални лудории, тој во своето прозно творештво извлече длабока смисла за човечкиот кобен и несреќен опстој под небесниов свод.
Владимир Костов е надарен со исклучителна дарба за опсервација на која ништо не може да се скрие за на тој начин, зад феноменолошкото во стварноста, да го открие монументалното.
Во неговата проза сликата на животот не е видена како во огледало, во истите познати пропорции и релации. Напротив. Тој свесно ја искривува неа и со тоа го редуцира небитното, вградувајќи во текстот иреални, најчесто гротескни и апсурдни глетки, доведувајќи ги до степен на ретка поетска симболизација. Нему не му успеваат праволиниските и еднодимензијалните ликови.
Тој трага во нив по нивните таинствени, окултни и дури мистични карактеристики и ги придружува со некои нивни хуморни исчашувања од нивниот зглоб, досегајќи ги крајностите.
Затоа една од главните карактеристики на неговата проза е хуморот кој се нагризува и над се студено се подбива, водејќи не низ лавиринтите на постоењето како во нас да ги одмотува нишките на Аријадна од клопчето на постоењето, од најтајните и најскриените пластови на нашето битие, од праисконските предели на животот.
Отаде оние мистични и неизвесни, налудничави и рационално недосегливи видови на одвивањето на настаните, онаа мистична и мистериозна мрачнина во која тлее животот по која тој рие. Отаде таа онтолошка осама со која се обземени неговите ликови кои до себе патуваат низ внатрешен чемер и јад, а патуваат низ пожари од страсти, распламтени и распаметени во својата свест, само да допрат до вистината. Сите тие откриени се во своите страдања, бидејќи се подготвени на крајни и радикални чекори само да ја спознаат и откријат вистината. Сите тие горат однатре и проколнуваат се во големата страст да ја допрат, да ја спознаат, да ја откријат и објават вистината. Вистината само вистината макар и преку нејзиното истрадување и очајничка болка! Токму затоа неговите дела како градби на еден богат и немирен дух, ни делуваат и како литература и како филозофска медитација за човекот и неговиот внатрешен свет.
Владимир Костов го чувствува демонот во себе за да пишува, за да испишува илјадници и илјадници страници. Затоа пред неговите романи како да не обзема некој страв од чудата на светот, некој страв од тоа дали ќе продреме низ тие прекумерни страници во раѓањето и во откривањето на земното и небесното во животот и во човекот.
Владимир Костов ги испишува страниците на своите дела, поаѓајќи од она што Ниче го наречуваше амор фати, т.е. од љубовта кон судбината, која според авторот на “Волја за моќ“ е најплодното начело на постоењето.
Неговите ликови пијат од праизворите и од длабочините на животот. Тие не се истргнати од сопствената културна и историска традиција, туку произлегуваат од неа, произлегуваат од сопствените митови, религии, верувања.
Тие се пренатрупани од човечки маки и страдања, но и од борбата во себеси да се извисат до еден почовечен и посреќен свет. Ја бараат земјата, а го откриваат небото и летаат во неговиот бескрај. Го бараат и Донкихотски копнеат по еден почовечен свет, но како сите до еден да завршуваат во своите сопствени морални ломови и бездни.
Тие во сиот свој животен век и во сите свои историски времиња како да се оставени на некој крстопат на егзистенцијата. Чувствуваат дека живеат во историски раздобја на френетични промени, но во нив никако да ги надвасат спротивностите, туку само паѓаат од една во друга.
Гледаат дека ништо под нивните нозе не е цврсто, дека е се менливо и минливо.
Затоа не го наоѓаат моралниот закон во себе кој постојано им се измолкнува. Отаде тој душевен кошмар во нивните срца и тој метафизички хаос во нивните глави.
Поетиката на прозата на Владимир Костов е неразделно поврзана со еден соодветен, се осмелувам да го наречам, полифониски магиски реализам налик најповеќе за литературното искуство на Томас Ман.
Но, неговата поетика може да ги повтори познатите зборови на Достоевски поставени во прашална форма: “Јас го сакам реализмот се дури не премине во фантастичност, бидејќи што може за мене да биде пофантастично и понеочекувано, па и поневеројатно, од стварноста?” Тоа е еден нов реализам остварен меѓу фанатичното барање на вистината, на страсната потрага и соочување со неа, но и со иреални ситуации и со еден агониски, со еден демонски постреализам. Неговата опсервација како негово моќно оружје во пробивот до вистината се соочува во стварноста на животот и човекот со она демонска и демонолошка психолошка изостреност на вгледот во внатрешниот свет на човекот. Тие два света: светот на реалното и светот на иреалното, не се кај него изделени, па затоа честото чувство што ни го открива неговата проза: реалното да делува иреално, а иреалното реално. На пример, првата реченица од “Грешниот Захарија“, гласи: “Захарија пред полноќ по телефон им јави на своите дека умрел“. Во неговата проза, значи, се споени тие две крајности – голата стварност и фантастичните соништа, но соништа што надоаѓаат од таа стварност. Неговите реалистички студии и судбини се усвитени до вриеж, па затоа, секогаш соочени со нив и доживувајќи ги нив, ние не разликуваме дали нив ги опишува некој строг прикажувач на стварноста, или некој месечар кој талка по гробиштата и ја студира својата улога на гробар од Шекспировиот Хамлет.
Владимир Костов е, несомнено, моралист, но тој е тоа не затоа што неговите ликови честопати изгледаат како некои морални проповедници, туку затоа што верува во моралната преобразба на човечкиот род.
Ако таа верба ни се одземе, смета тој, треба да кренеме раце од литературата, зашто се што е човечко неразделно е поврзано со неодминливото прашање: Чуму, чуму сето што го презема човекот ако е се бесповратно изгубено и ако се завршува во апсурд или во морална атрофија?
Со поставувањето на ова прашање навлегуваме во клучниот проблем од поетиката на Владимир Костов – статусот на уметноста во т.н. морална преобразба на човекот, познат уште како однос: уметност – морал; естетика – етика; добро – зло; уривање – градење; дух – тело, свест – нагон итн. Особено во првите, или во базичните романи со кои тој настапи во македонската литература (“Лица со маски“, “Свадбата на Мара“, “Нов ум” и “Учителот“) сите тие прашања за моралните дилеми на човечката егзистенција избија во преден план, при што неговата литература навлезе во граничните зони на една морализирачка филозофија.
Веќе во својот прв објавен прозен текст, Владимир Костов ги положи основите и на својата книжевна поетика, но и на својата книжевна метафизика. Неговиот етички и естетички радикализам ќе дојде до израз токму во “Лица со маски”.
Неговата проза, нурната во медитациите на своите ликови, ќе добие нагласена филозофска димензија. На етички план тој несреќата и трагиката на човечкиот род ќе ја види во неговата опседнатост само од материјалната среќа, од материјалното богатство.
Човекот, според него, ја бара својата среќа токму таму од каде што извираат сите негови несреќи, па силата на злото растеше се додека во нашиов век не ги достигна размерите на атомска бомба.
Има ли тогаш спас за човекот? И големиот проповедник на доброто, верникот во еден вечен човек и еден среќен свет, писателот Владимир Костов, капитулира со својата филантропија.
Романот “Битолска хроника“ ја убива надежта во неа. На човекот му нема спас. Оној што има пари ќе оздраве, оној што има пари се колне на вистинско место.
Затоа воскликот во овој роман што често го слушаме: М’ни, М’ни, како сподвизник на се во човечкиот род, е восклик кој раѓа и убива се, од исконот до денес.
Ecce Historia! Ecce homo!
Пишува:Проф. д-р. академик Ѓорги Старделов