Don't Miss
Home / Uncategorized / Задоцнета памет

Задоцнета памет

Деновиве бевме сведоци како светот слави 100 години од крајот на Првата светска војна. Речиси на целата земјина топка во неделата на 11 ноември жителите на планетата земја, а посебно во Европа, го прославуваа денот на крајот на воените  страдања и помирувањето на учесниците во војната, кои најчесто тие години се гледаа преку нишанот и нишанските справи.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон успеа пред Триумфалната порта во Париз да ги собере сите светски лидери, кои го славеа денот на крајот на војната, која однесе милиони војници и  невини цивили.

На 11 ноември,  покрај крајот на Првата светска војна се славеше и денот на помирувањето и проштевањето, кое толку многу е актуелно кај нас деновиве.

Во неделата се најдов на Фрацуските и Германските гробишта.

Од сите пораки кои ги слушнав викендов за стравотиите кои ги остави Првата светска војна и пораките за проштевање и помирување на учесниците во војната, кај мене сепак најголем впечаток остави писмото на еден француски војник кој учествувал во воените битки на Кајмакчалан и Битола,  кое на Француските гробишта го прочита една ученичка од Гимназијата “ Јосип Броз Тито “

Токму преку тоа писмо имав(ме)можност да ги слушнам сите страдања на кои биле изложени не само војниците кои се бореа на Македонскиот фронт, туку и цивилното населени во Битола, врз кое биле користени дури и бојни отрови.

Токму тие ужаси што се случувале во Првата светска војна во Битола ме вратија во минатото кога во една прилика прочитав дека Битола била еден од најбомбардираните градови во Европа, врз кој непријателските војски истуриле илјадници бомби, кои сеуште можат да се најдат во потесното и поширокото градско подрачје.

Овој пат мислам за прв пат пред бројните присутни делегации на Француските гробишта беше спомнато дека врз Битола и битолчани биле употребени и бојни отрови.

Но за тие ужасни сведочења и оставам да се изјаснуваат историчарите, кои врз основа на документи, сведочења и факти треба да ја информираат сегашната генерација за страдањата кои ги носат војните.

Тоа што во овие моменти на извинување, помирувања, проштевања, повеќе ме плаши е што претседателот на Франција Емануел Макрон во својот говор јасно кажа дека светот, а во таа смисла и Европа како да не ја извлекоа поуката од страдањата, туку водени од некои мрачни сили се повеќе се движат кон нови конфликти.

Светот денес се соочува со нови можни ескалации на насилство и терориризам.

Веќе никој човек во светот не е сигурен каде ќе му дојде  крајот, дали на бојното поле или во некој луксузен ресторан, дискотека, училиште…

Но иако тоа големите сили и моќните лидери добро го знаат и постојано  глаголат за опасностите од нови конфликти, сепак тие водејќи се од непишаното правило дека Големите сили се секогаш во право дури и кога грешат, тие не размислуваат многу, недоразбирањата во светот и демократските вредности да ги наметнуваат по пат на сила и принуда, без да избираат  средства и методи како тие нивните морални норми и вредности да им ги наметната на слабите и малите држави и народи.

И тие доста често бранејќи ги наводно невините цивили, со своите смртоносни оружја убиваат други цивили.

Државите кои овие денови постојано ни продаваат демократија, мир, толеранција, каење, разбирање, проштевање, помирување… најчесто во многу земји во светот продаваат немир, диктатура, ароганција, сила, ултиматум, принуда…

Иако Македонија има најмалку причини да се извинува за страдањата од Првата светска војна, бидејќи беше жртва на поробување, убивање и геноцид, сепак Македонија, а во таа смисла и Битола деновиве како и многу пред тоа им прости на сите тие кои дури и со бојни отрови ги убиваа цивилите на овие простори.

Овој народ не само што по многу нешта одамна ги има прифатено сегашните европски вредности и препораки, туку стално се обидувал  истите да ги примени во секојдневното живеење.

Но тоа што посебно боли е што сите сегашни препораки за мир и помирувања доаѓаат многу доцна, по толку многу евтино платени животи и страдња.

За стравотиите од војните треба да се размсилува пред тие да се случат, кога на тие ужаси многу често на Големите сили им укажуваат  Малите народи.

Македонија во изминатите векови и години  мошне скапо ја плати цената на таквите непромислени војни. Таа е земја која пред повеќе оде ден век беше поделена и распарчена.  Таа многу често крвареше од таквите непромислени политики. Македонија крвари дури и сега во мир, кога мора да ги исполнува туѓите ултиматуми и условувања  за да ја обезбеди својата независност и суверенитет и кога мора да се одрекува од најсветото нешто, името на државата за да може да влезе во НАТО и ЕУ.

Македонија, а во таа смисла и Битола одамна им простија на сите тие Големи сили, кои војуваа на овие простори и кои најчесто ги мобилизраа Македонците да гинат облечени во нивните шинели за нивните мегаломански апетити да владеат со светот.

Македонија и сега е предмет на тешки ултиматуми, кои тешко би ги прифатила  било која земја во светот.

Само заради добрината и врежаните чувства на беспомошност кога  Големите се пресметуваат  меѓу себе, најчесто малите страдаат, Македонија со тешко срце деновиве се обдиува да ги прифати ултматумите кои доаѓаат токму  од тие земји кои постојано се колнат во демократијата и сувереното право на секој народ да има своја држава и да се вика како што тие самите сметаат дека треба да се именува.

Но тоа  е тоа. Живееме во време на задоцнета памет.

Затоа се ми се чини дека пораките  за мир и простување од местата каде се погребани милиони војници и цивили, или од Триумфалната порта  во Париз,  се упатени на други, а не кон тие кои први треба да  ги применуваат во своите политики .

Кога тие пораки ќе допрат до нив тогаш на овој свет ќе има мир и благосостојба. Во спротивно повторно секојдневно ќе ни се случуваат нови страдања, за кои во некое идно време, некои други политичари  повторно  ќе се извинуваат.

Но и тогаш, како и сега ќе биде доцна.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*