Home / Македонија / Заев и Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство

Заев и Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство

Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов денеска во Скопје го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Договорот, кој е потпишан на македонски јазик согласно Уставот на Македонија и на бугарски согласно Уставот на Бугарија, предвидува поддршка на Софија на евро-атлантските аспирации на Скопје, соработка на билатерален и мултилатерален план, унапредување на транспортните врски и комуникации, олеснување на царинските и граничните формалности, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, како и олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави.

Борисов, кој ја предводи бугарската владина делегација, претходно беше пречекан пред Владата на Македонија со највисоки државни и воени почести.

Веднаш по пречекот, премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, заминаа на тет-а-тет состанок, по што се одржа и средба на делегациите на владите на двете земји.

Во Владата попладнево беа потпишувани и меморандуми за соработка од страна на ресорните министри за транспорт, односно енергетика и економија.

Високата државна владина делегација на Република Бугарија ќе биде примена од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Програмата на официјалната посета на претседателот на Владата на Република Бугарија на Република Македонија ќе финишира утре со заедничко чествување по повод националниот празник Илинден во црквата Свети Спас во Скопје.  Премиерите Заев и Борисов заедно ќе положат венци цвеќе на гробот на Гоце Делчев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*