Нападите на возила по паричните казни и „пломбите“ што инспекторите ги ставија на неколку познати битолски кафулиња во целост го отсликуваат одмаздничкиот карактер што владее кај битолчани.
Во прилог на тезата на чаршиските коментари битолчани го посочуваат и уништувањето на десетина автомобили на истакнати луѓе во Битола, кои беа цел на пиромански напади.
Уништувањето на гумите за некои граѓани беше изненадување, но за некои беше очекувано, зашто овој пат инспекторите при контролата што беше спроведена викендов удрија на кафулињата на неколку сопственици што во Битола важат за недопирливи.
Деновиве, по настанот, во регионалната дирекција е мирно и вработените си ги извршуваат вообичаените работи. Пред дирекцијата на УЈП-Битола вчера беа паркирани сите шест оштетени возила, а инспекторите мораа да одат пеш на контрола.
Од разговорот што го имавме со неколку инспектори од Битолско ни беше речено дека тие во нивната работа во регионот што го покриваат наидуваат на многу пожестоки притисоци и напади, но тоа во никој случај не ги одвратило да не ги завршат контролите.
– Наместо да ги дупат гумите на возилата, граѓаните мора да сфатат дека треба да ги почитуваат законските прописи и дека треба да работат во согласност со законите. Какви било закани или немили настани како завчерашниот нема да нѐ спречат да ги реализираме контролите во објектите што се предмет на контрола – велат во УЈП-Битола.
Првиот човек на регионалната дирекција Менде Матовски, кој кога дозна за немилиот настан излезе со куса информација за јавноста, сега не сакаше да коментира за случувањата.
Притоа тој не пропушти да каже дека е изненаден од акцијата на некои несовесни лица, кои својот револт од извршените контроли го искажаа со дупење на гумите на нивните службени возила.
Сепак, Матовски остави за тоа кој е сторителот или сторителите на овој инцидент конечниот збор да го кажат истражните органи, кои извршија увид на местото на настанот и сега водат опсежна истрага.
Засега и во битолската полиција не сакаат да излегуваат во јавност со изјави за тоа до каде е истрагата, уверувајќи нѐ дека полицијата работи на расчистување на настанот.
– Иако во недостиг на конкретни материјални докази тешко е да се каже кој би можел да го стори ова, сепак во УЈП-Битола се претпоставува дека дупењето на гумите на службените автомобили е реакција на несовесни граѓани по редовните заеднички инспекциски контроли на УЈП, МВР и Државниот пазарен инспекторат, кои викендов се спроведоа на подрачјето на Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и Македонски Брод. Ова е втор инцидент оваа година, по случајот од Охрид, каде што исто така непознати сторители оштетија службено возило на УЈП – ни изјави Снежана Стојановска од УЈП-Битола.
И покрај тоа што инцидентот, во најмала рака, ги изненади вработените во УЈП-Битола, тие што навикнале на секакви закани и притисоци тврдат дека нема да престанат со контроли на работењето на правните субјекти во Битола, па и битолските кафулиња, без разлика кои се нивни сопственици.
– Управата за јавни приходи уште еднаш им порачува на локалните бизнисмени и на несовесните граѓани дека уништувањето на службените возила на УЈП или примената на други насилни методи нема да ги спречи нормалното функционирање на УЈП и контролите. Напротив, ваквото однесување само остава простор за поголемо сомнение дека во конкретното место, општина, реон, работат бизниси што избегнуваат да платат данок, поради што контролите во наредниот период ќе бидат засилени – велат од УЈП.
Овој инцидент беше повод и за жестока меѓупартиска пресметка на политичките партии во Битола.