Don't Miss
Home / Вести / Започна изградбата на булеварскиот влез за Битола од страната на Прилеп

Започна изградбата на булеварскиот влез за Битола од страната на Прилеп

Премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Битола Тони Коњановски, како и пратениците од Битола во македонското Собрание го означија почетокот на изградбата на булеварскиот влез за Битола од страната на Прилеп.

Мицкоски рече дека со булеварскиот влез, Битола ќе добие нов изглед како што му доликува на конзулски град и вети дека во следниот период околу 14-15 милиони евра ќе бидат инвестирани во проекти за градот под Пелистер.


-Очекувам брза реализација на овој булеварски влез. Пратениците грчевито се бореа а и сега и покрај тоа што Владата ја преводи ВМРО-ДПМНЕ се борат за секој проект повеќе за градот. За мене Битола има посебно значење во делот на реализација на проектите. Општината полека но, сигурно, под водство на локалната самоуправа и градоначалникот Коњановски се обидуваат колку што можат повеќе проекти да реализираат, бидејќи претходната власт на СДСМ честопати му ги одземаше ингеренциите на градоначалникот и го кочеше напредокот на Битола. Иако имаме рецидиви од тоа време, сега сликата е поинаква. По донесувањето на ребалансот, ќе биде објавен Јавниот повик и само во овој период до крајот на оваа година и следната околу 14-15 милиони евра ќе бидат инвестирани во проекти за Битола, надвор од буџетот што го има Општина Битола – вети тој.

Зборувајќи за реконструкцијата и изградбата на нов коловоз на влезот на Битола од страната на Прилеп, битолскиот градоначалник Тони Коњановски посочи дека освен современо булеварско решение, овој дел ќе добие комплетна инфраструктура, водоводна и канализациона мрежа и двоен цевковод.

Станува збор за булеварски влез на Битола со пешачки и велосипедски патеки од страните. Конечно Битола добива влез како што му доликува на градот на конзулите. Посебна благодарност до напорите што ги имаше пратеничката група во изминатиот состав и за помошта од 110 милиони денари што тогаш беше доделена. Ова е исклучителен проект за битолчани. Сите правни постапки и регулативи се веќе завршени, во делот на експропријацијата и граѓаните се свесни дека ова е булеварско решение и мора да се реализира. Мора да предочам дека и јавните претпријатија и приватните компании се соочуваат со недостиг од работна сила особено во делот на професионалниот кадар што го имаат, но, се надевам дека овие недостатоци ќе се надминуваат и проектот ќе се реализира со предвидената динамика – рече градоначалникот Коњановски и додаде дека моментно на 16 локации во градот се изведуваат градежни активности.

Изведувач на проектот за булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп е градежната компанија „Гранит“.

Инаку, премиерот Мицкоски при денешната посета на Битола беше во обиколка и на спортско рекреативниот комплекс што никнува во Нова Битола со нови спортски игралишта на површина од над две илјади метри и на локацијата во поранешната Касарна каде што се гради новиот Противпожарен дом.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*