Повеќе од две недели по смртта на папата Франциско, 133 кардинали во Систинската капела започнаа конклава за избор на нов поглавар на Римокатоличката црква, која би можела да трае со часови, денови или дури месеци.
Со кардинали од 70 земји од пет континенти, оваа конклава е најголемата досега организирана.
Во 16:10 часот по средноевропско време-кардиналите се собраа на молитва, а потоа се упатија кон Систинската капела пеејќи ја песната Вени Криејтор Спиритус (Дојди, Свети Духу).
Во 19 часот по средноевропско време, се очекува чад по првата сесија на гласањето.
Кардиналите се заколнаа на тајност, под закана од екскомуникација доколку откријат што се случува на конклавата.
Забрането им е да комуницираат со надворешниот свет сè додека не се избере нов папа.
Ватикан претходно објави дека за време на конклавата ќе ги прекине телефонските врски во зградата, но не и на плоштадот Свети Петар.
Кардиналите, кои ќе мора да ги остават своите мобилни телефони на почетокот на конклавата, ќе го информираат светот за својата работа со палење на гласачки ливчиња што ќе испуштаат чад, црн ако нема одлука и бел ако е избран нов папа.
Лекари, возачи, готвачи и чистачи, исто така, положија заклетва на тајност.
Папата Франциско, роден како Хорхе Марио Берголјо во Буенос Аирес, Аргентина, почина на Велигден, 21 април 2025 година, на 88-годишна возраст, во својата резиденција во Ватикан, Каса Санта Марта.
Папата Франциско почина од мозочен удар и срцева слабост, соопшти Ватикан.
Околу 400.000 луѓе му оддадоа последна почит на папата Франциско на погребната церемонија во Ватикан и Рим.
На погребот на римокатоличкиот лидер присуствуваа повеќе од 50 шефови на држави и официјални делегации од повеќе од 160 земји.
Фото: ЕПА