Home / Колумни / Заробени умови и блокирана држава

Заробени умови и блокирана држава

               

         Не знам кој го смислил и обмислил мотото на рекламата  за Скопското пиво “ Скопско и се е можно “ мислам дека бил многу паметен пи ар менаџер.

          Единствено нешто што му недостасува на оваа реклама е што авторот на  рекламниот слоган “ Скопско и се е можно “  размислувал локално.

        Ќе беше многу подобро доколку наместо “Скопско и се е можно “, рекламата беше насловена “Македонско и се е можно”

        Ова го велам од причина што кај нас во државата работите се одвиваат  токму по тој рецепт “ Скопско и се е можно”.

        Истиот тој  слоган му прилега не само на Скопје, туку во најмала рака на целата држава.

        Македонија е држава во која животот се одвива токму по тој рецепт “ Скопско и се е можно”.

        Таман помисливме дека по справувањето со пандемијата на Ковид 19 и заминувањето на  Груевски и Заев од политичката сцена ќе се релаксираат политичките состојби во државата, Македонија е повторно влезе во нова и (по)длабока политичка криза.

        Сега, кога ги нема веќе Груевски и Заев, за опозицијата виновен за состојбите е Димитар Ковачевски, а за власта Христијан Мицкоски.

        Претходно со години бевме (раз)убедувани дека за злото што ја снајде Македонија, виновни се Бранко Црвенковски и  Љубчо Георгиевски.

        И сега кога на политичката сцена во држвата ја (с)нема оваа “голема четворка”  повторно сме сведоци на нови виновници за состојбата во која се наоѓа Македонија.

        Додека Мицкоски го обвинува Ковачевски дека е марионета и пион на Заев,  Ковачевски го обвинува Мицкоски дека тој е марионета на бегалецот во Будимпешта Никола Груевски, и дека тој беспоговорно ги спроведува наредбите од Пешта.

         Како во изминатите речиси три децении  од македонското осамостојување, излезот од политичката криза постојано  се бара во  свикување на нови лидерски средби и нови предвремени избори.

          И со оглед на тоа што кај нас кога преговараат власта и опозицијата, без посредување на европските медијатори, постојано се  води дијалог на глуви,  политичката криза  по правило секогаш се продлабочува.

        Така е и сега.

        Во моментот кога Македонија, сеуште ги чувствува последиците од Ковид пандемијата и енергетската криза и кога Бугарија се обидува на секој начин да ја блокира државата да не ги почне преговорите за Евро интеграциите, Македонија е блокирана и од домашната опозиција.

        Опозицијата предводена од лидерот Христијан Мицкоски деновиве почна со  т.н.” активна блокада” на работата на Собранието, која и досега веќе беше видена.

        Блокирањето на  Собранието  од страна на опозицијата не е ни прво, а сигурно нема да биде ни последно.

         Тие што подобро ги следат состојбите добро знаат дека блокадите на Собранието од страна на партиите и пратениците кај нас  траат уште од  прогласувањето на независноста на државата.

        Македонскиот парламент на овој или оној начин  го блокирале и  опозицијата, но и власта и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ и најголемиот број албански политички партии.

        Во пленарната сала сме виделе секакви блокади, од читање поезија на Талат Џафери, тропање  на пратеничките клупи, предизвикување тензична атмосфера со  тенџериња, блокирање на говорницата со кршење микрофонот, удирање на по некоја шлаканица,  тепачки, пеење химни на други држави, насилно исфрлање на пратениците … па до блокадата на 27 април, која за малку  можеше да ескалира со крвав меѓуетнички судир.

        Резултатот од таквите блокади секогаш бил не само на штета на државата, туку и на партиите, кои со своите непромислени потези и одлуки придонесоа  Македонија денес да е таму каде што е, земја во која наместо да функционираат  институциите и да владеат правото и законите, најсуштинските одлуки  за опстојувањето на држвата да се носат на (не)формалин лидерски средби во клубот на пратениците, или во странските амбасади.

        Работата на Парламентот кај нас е блокирана речиси цело време од како тој постои  и таа веќе видена работа.

        Тој  на овој или оној начин е блокиран и кога “работи “ .

        Кај нас чудно ќе биде доколку Парламентот не е блокиран и нешто работи.

         И пред активната блокада од страна на опозицијата, во највисокиот законодавен дом  и досега се играа ниски и подземни игри не само со (не)усвојувањето на точките на дневен ред, туку и со (не)обезбедувањето кворум, а особено со неработењето на собраниските комисии.

        Тоа е и сосема нормално ако се знае дека власта има тенко мнозинство и пред секоја седница како на “кванташки пазар” треба да се пазари околу одредени точки и закони.   

        Собранието кај нас не го блокира само опозицијата. Него го блокира и власта, поточно коалиционите партии, кои обебзедувањето на мнозинството во Парламентот постојано го условуваат со прифаќање на бројни нивни услови и ултиматуми.

        Легитимно право е на опозицијата да бара предвремени избори.

         Но кога станува збор за Македонија, ние како држава по честите предвремени  парламентарни избори ја надминавме дури и Италија. Искуството од таквите  одржани бројни предвремени избори  за жал  е негативно за македонските политички партии.

        Единствена корист од тие избори досега имала само ДУИ, која без разлика на тоа која политичка партија ќе победела од македонскиот блок на изборите била во власта.

        Деновиве Мицкокси вели дека кога сега би се одржале избори ВМРО ДПМНЕ ќе имала 61 пратеник.

         Со такво тенко мнозинство како тој мисли да формира стабилна  Влада не кажа.

Притоа без одговор остана и прашањето како новата власт би владеела доколку тогаш новата опозиција одлучи да ја опструира и блокра власта со истите средства и методи.

Дали тогаш повторно би се барале лидерски средби и нови избори и старо-нови медијатори.

Сега, кога Македонија повторно е блокирана од страна на Бугарија на патот за Брисел, крајно време е политичарите да ги надминат своите суети и намсто да блокираат  да се насочат за одблокирање на блокадите како на домашната, така и на меѓународната политичка сцена, бидејќи на сите избори, дали тие биле редовни или предвремени, граѓаните гласаат за пратениците да ги решаваат проблемите на граѓаните, а не тие да создаваат проблеми  од кои ќар нема никој,а губи само државата и народот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*