Медиа/Арт клубот- Битола на Младински образвовен форум, вчера, 23.06.2018, со почеток од 11:00 часот, го организираа завршниот настан “Тетовирани ѕидови“.
Покрај неформалната дружба, како главна активност беше цртање на графит/портрет на Горан Стефановски, покрај тоа, испишан е и цитат од неговото дело „Тетовирани души“. Целиот мурал беше цртан од членовите на Медиа/Арт – Битола, кои во текот на учебната година стекнаа знаења и вештини за применување на уличната уметност. Графитот се исцрта на дел од ѕидот на Ракометно игралиште во Битола.
Еден од највлијателните и најважните личности во културата на Македонија е и Горан Стефановски. Стефановски преку своите дела ни ја претставува историјата на македонскиот народ со сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политички разијадувања, стремежот за подобро утре.
Поради тоа претставува и наша „муза“ која нѐ инспирира да бидеме активни граѓани и да направиме активности со цел разубавување на јавниот простор.
Намерата на младите креативци е да се разубави неискористениот јавен простор, да се поврзе младата популација со уличната уметност како алатка за креативно изразување, како и да се покрене свест за поголема грижа од страна на младите и останатите граѓани на Битола за јавните површини преку младинската креативност.
Медиа Арт клубот – Битола, менториран од МКЦ – Битола, е место за млади луѓе кои сакаат креативно да ги изразат своите ставови и идеи. Младите членови добиваат можност да научат како да снимаат видеа и аудио прилози, да создадат фото приказна, да научат за перформативна и урбана уметност итн. Предавањата во Медиа/Арт клубот ги држат млади луѓе со искуство во различните модули. Во моментов постојат пет клубови во Македонија и тоа во Скопје, Битола, Тетово, Велес и Куманово кои активно работат на создавање креативни и интересни содржини на општествено релевантни теми кои се од интерес на самите членови.
Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.