Денеска Битолски весник, го слави својот 55 роденден.
На денешен ден, поточно, на 29 април 1964 година Битолски весник го отпечати првиот број.
На 29 април, во далечната 1964 година, пред точно 55 години, во предвечерието на големиот трудбенички празник 1 мај, во печатницата “ Киро Дандаро “ беше испечатен првиот број на Битолски весник.
Излегувањето на Битолски весник, според зборовите на живите сведоци на тој настан, а посебно оние кои учествуваа во подготовката и уредувањето на првиот број беше вистински празник за Битола.
Денеска, по изминати 55 години од своето непрекинато излегување, Битолски весник може со гордост да се пофали дека не само што ги оправда очекувањата на првата генерација новинари, туку е вистински бренд, кој сите овие изминати 55 години е сведок и хроничар на градот, или што би рекол еден наш сограѓанин, колективна меморија на Битола.
За Битолски весник во една прилика професорот по новинарство, проф.д-р Томе Груевски напиша дека Битолски весник е светилник не само на битолското, туку и на македонското новинарство.
Битолски весник е без сомнение најстриот локален печатен медиум во државата, кој единствено опстана од локалните и регионалните печатени медиум.
Тој цели 55 години секоја среда, непрекинато излегува и се наоѓа во рацете на илјаднци свои верни читатели.
Некои од нив со Битолски весник другаруваат уште од првиот број.
За многумина битолчани, Битолски весник бил првиот и единствениот буквар, преку кој научиле да читаат и пишуваат.
Поради празниците и претседателските избори, Битолски весник наместо денеска, на денот на излегувањето на првиот број, својот голем јубилеј 55 години од првиот број ќе го прослави петок, на 17 мај, во Народниот театар во Битола со одржување на свечена Академија, врачување на златни плакети на заслужни поединци, установи, инсититуции, кои дале значаен придонес во опстојувањето на Битолски весник.