Со одржување на молитви за загинатите војници, положување венци и цвеќе на заедничката гробница, како и посета на Меморијалниот центар, денеска на Француските воени гробишта во Битола се одржа заедничко чествување на Германија и Франција за Денот на помирувањето.
– Овој ден треба во денешно време да го евоцира мирот и да покаже дека извлековме поука од искуствата на разорниот век. Но светот е уште жртва на насилство, на вооружени конфликти и ограничување на слободата. Луѓето страдаат и умираат и се принудени да бегаат. Нашиот одговор на тоа е дека мораме да ја развиеме нашата способност за помирување. Германија и Франција најдоа таков пат – рече амбасадорот на Германија Томас Норберт Герберих на комеморацијата.
Тој посочи дека основата на тоа помирување е Европа на заеднички вредности и убедувања, која ги поддржува неотуѓивите човекови и граѓански права, која од континент на војни и опустоувања се преобрази во континент на мирот и на благосостојба.
– Потребата да се спроведе на дело ова решение што го најде Европа денес е поитна од кога било и вреди да се бориме за тоа. Но идејата за обединет и мирен континент не значи автоматизам. Потребна е политика што не изолира и не се засолнува зад национализам и градење нови ѕидови. И денес, пред гробовите на младите луѓе, што имале уште живот пред себе, е добар момент да се потсетиме на тоа – рече Герберих.
На комеморацијата, покрај голем број делегации, присуствуваше и амбасадорот на Франција во Република Македонија Кристијан Тимоние, како и претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери.