Училиштата во општина Битола и студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“ и „Пелагонија“ денеска добија предупредување за исклучување на електричната енергија и екипи беа излезени на терен. Баравме да се повлечат со цел да се овозможи нормално обезбедување на образовниот процес и престој на студентите.
Ова денеска го изјави министерката за образование и наука Рената Дескоска по завршувањето на дебатата за унапредување на остварувањето на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението.
– Дадени се предупредувања дека имаат големи долгови и доколку не се подмират веднаш ќе биде исклучена струјата. Во меѓувреме разговаравме со надлежните од ЕВН да им се даде рок и да дадеме можност за план за подмирување на долговите, со оглед на тоа што долговите се големо наследство од минатата власт, а во Буџетот во моментов нема толку средства за подмирување на тие долгови – нагласи Дескоска.
Таа најави дека ќе направат план за плаќање на рати.
– Сега засега ги запреа активностите за исклучувањето на струјата, но планот треба во согласност со Министерството за финансии да го направиме, рече Дескоска.