Нов случај на малверзации со школскиот превоз во Битола. Секторот за внатрешни работи поднесе кривична пријава против В.Т. кој како директор го оштетил буџетот на средното училиште „Таки Даскало“.
Според пријавата В.Т. во текот на учебната 2015/2016 година, и покрај тоа што од благајникот му било предочено, дека во пристигнатите фактури и списоци за превоз на ученици, бројот на ученици е поголем од реалниот број на ученици коишто го користат превозот, не ги вратил фактурите и списоците кај превозниците за корекција, и исплатил 105.789 денари, со што им овозможил имотна корист од 73.991 денари на “Џем Турист“ ДООЕЛ, 25.428 денари на Лука Експрес ДООЕЛ и 6.370 денари на Гопеш Транс ДООЕЛ.
В.Т. се товари за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
За истото кривично дело се товари и 49-годишната Р.Т.Б. против која е поднесена кривична пријава. Како директор на основното училиште “Стив Наумов“ Битола, Р.Т.Б. и покрај тоа што договорот помеѓу “Стив Наумов“ и ДООЕЛ “Амсекјурити“ Скопје, за мониторинг надзор и 24 часовна мобилна интервентна патрола на објектот, бил со важност до 30.10.2011 година, му овозможила на ДООЕЛ “Амсекјурити“ Скопје да продолжи со давање на услугата до 30.10.2014 година. При тоа Р.Т.Б. не повела соодветна постапка за избор на најповолен понудувач, ниту, пак, согласно законот не склучила анекс на договорот. На ДООЕЛ “Амсекјурити“ Скопје му овозможила да се стекне со имотна корист од 108.000 денари.