Don't Miss
Home / Градска хроника / Започнува проектот “За зелена Битола” со засадување на три илјади садници

Започнува проектот “За зелена Битола” со засадување на три илјади садници

Јавното претпријатие “Комуналец” во соработка со Општината Битола и АД ЕЛЕМ Скопје- Подружница РЕК “Битола”, започнуваат со реализација  на проектот  “За зелена Битола”. Со проектот предвидено е засадување на 3000 стебла садници, со што ќе се збогати зелениот фонд во општината, а истовремено се преземаат и конкретни мерки против загадувањето, најави градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска придружувана од директорот на ЈП “Комуналец”, Панде Богоевски.

-Согласно програмските определби кои што ги имав како градоначалник, а се однесуваа на зазеленување на повеќе површини во нашиот град, зголемување на бројот на садници во централното градско подрачје, она што го побарав од директорот на ЈП “Комуналец”, во нашите први официјални работни средби, но и од останатите јавни претпријатија, беше како да се организираме за оваа замисла да ја ставиме во реализација. На овој начин, идејно затвораме еден проект, кој веќе треба да започне со имплементација на засадување на зимзелени дрвја во нашиот град, но и во околината. Замислата е да се посадат 3000 елки, што ќе значи создавање на мини паркчиња кои ќе го разубават нашиот град, и во голем дел ќе помогнат во справувањето со аерозагадувањето на нашиот град. Голема благодарност до директорот на ЈП “Комуналец” и директорите од останатите јавни претпријатија, кои веќе ги имаат изработено фазите на мапирање на тоа каде треба да бидат поставени насадите, а веќе ја имаат поставено и целата организациска структура, при што јавните претпријатија со механизацијата и логистика со која располагаат, можат да се вклучат во овие активности- информираше градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Акцијата За зелена Битола ќе се одвива во три фази.  Станува збор за дрвја кои се во добра виталност и можност за напредок, а динамиката со која што ќе бидат засадувани, ќе биде согласно временските определби и онаа динамика во делот на нивното наводнување.

 

– Она што посебно ме радува, е тоа што станува збор за садници кои се за ова поднебје препознатливи и навистина можат да егзистираат, за разлика од минатиот период кога беа засадувани дрвја кои беа непрепознатливи за ова поднебје, се трошеа финансиски средства, но немавме ефект од сето тоа- додаде градоначалничката Петровска.

За проектот финансиски средства ќе бидат обезбедени од РЕК “Битола”. Во тој контекст градоначалничката Петровска упати и јавна благодарност до директорот на РЕК “Битола”, Васко Ковачевски.

-Голема благодарност  до РЕК “Битола” и директорот Васко Ковачевски кој исто така ќе биде вклучен во оваа акција, што значи дека финансиски средства ќе бидат обезбедени од РЕК “Битола”. На тој начин, покажуваме дека и на ниво на држава, не е само Битола Општина, од која што се зема, односно општина во која што се произведува, заедно со општините Могила и Новаци, електричната енергија, од која полза има целата држава, туку на овој начин и се враќа во општините кои што тоа го заслужуваат. Во фазите кои што ќе следуваат ќе бидат вклучени и општините Новаци и Могила- додаде  градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Засадувањето на садниците ќе се реализира според проектно утврдената динамика, односно во зимско – пролетниот и есенско – зимскиот период, додека одржувањето ќе биде континуирано.

-Финансиската конструкција ќе биде обезбедена од АД ЕЛЕМ – Скопје, Подружница РЕК “Битола”. ЈП “Комуналец” има ценовник за садниците. Ќе се засадува на сите јавни површини во урбаниот и руралниот дел на општината- изјави Панде Богоевски, директор на ЈКП “Комуналец” Битола.

Засадувањето на првите садници ќе започне деновиве кај паркот во близина на ОУ “Климент Охридски” .

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*