Don't Miss
Home / Економија / “Кромберг и Шуберт “ ги задржа младите битолчани во Битола

“Кромберг и Шуберт “ ги задржа младите битолчани во Битола

Кога пред 6 години, во индустриската зона “ Жабени “ свечено беше пуштена во работа германската компанија “ Кромберг и  Шуберт “ со 153 вработени, многумина битолчани беа скептични дека оваа фабрика, за конфекционирање на кабли за автомобилската индустрија ќе го реши проблемот со огромната невработеност во Битола.

Тие денови многумина битолчани многу малку  веруваа  во изјавата на сега веке екс локалното раководство на Битола и градоначалникот Владимир Талески, дека во индустриската зона “ Жабени “, каде  48 домашни и странски инвеститори имаа купено парцели за своите инвестиции, дека во зоната,  кога ќе се изградат сите фабрики  ќе работаат 5.000 работници.

          Денес во индустриската зона “Жабени “ нема изградено 48 фабрики, зашто најголемиот број од инвеститорите, кои имаа намера да инвестираат во отворање фабрики во зоната се откажаа од своите инвестициски планови, но затоа пак во “Кромберг и Шуберт”, единствената инвестиција која се реализира, од пред неколку дена  работаат ни помалку, ни повеќе туку точно 6.000 работници.

Таа е најголемиот индустриски капацитет не само во Битола, туку и во државата, кој вработува толкав голем  број работници.

Оттаму битолчани со право велат дека германскиот гигант “ Кромберг и Шуберт” не само што го ублажи проблемот со невработеноста во Битола, туку и ги задржа младите во градот под Пелистер, да не заминат како голем број нивни врсници на “печалба “ во странство.

Германскиот гигант, кој постојано има отворени конкурси за вработување на нови работници, покрај тоа што драстично го намали проблемот со вработувањето на младите битолчани во најголем дел  го реши проблемот и со невработените битолчанки, кои откако Грците ги затворија своите текстилни фабрики, останаа без работа.

-”Кромберг и Шуберт “ ја спаси Битола. Доколку не беше оваа фабрика мислам дека  како и голем број млади битолчани кои заминаа на печалба во странство ќе се иселеа од Битола. На таа мисла  бев и јас со мојот сопруг, но откако двајцата се вработивме во компанијата се сменија нашите планови и сега не само што не планираме повеќе да заминеме во странство, туку сите наши планови се врзани исклучиво  за Битола, ни вели С.В. која од пред некој месец заедно со нејзиниот сопруг се вработија во “ Кромберг и Шуберт”.

Вработувањето на шест илјадитиот работник беше работно, но и свечено прославен во германскиот гигант “Кромберг и Шуберт”.

Од  153-те  вработени, со колку што почна “Кромберг и Шуберт “ да работи пред 6 години, денес во компанијата работаат вкупно 6.000 работници, со тенденција бројот на вработувањата во наредниот период уште повеќе да се зголемува.

Тоа што посебно радува  е што додека во изминатите неколку години, особено на почетокот, кога почна да работи “Кромберг и Шуберт “ многумина битолчани, особено (нај)младите, кои во  оваа германска компанија го најдоа своето прво вработување, поради својата неработна дисциплина и наводната жестока “ германска дисциплина, “ како што брзо се вработуваа, така и брзо си заминуваа од работа, во битолската јавност пласираа (дез)информации дека таму е речиси невозможно да се работи и дека владее војничка дисциплина.

Денес интересот за вработување во “ Кромберг и Шуберт “ е огромен, па компанијата која ги вработи речиси сите млади битолчани, кои сакаат да работаат, вработи и голем број работници од соседните градови Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево, а во последно време во компанијата свое вработување најдуваат и млади невработени од Источна Македонија, Делчево, Берово, Макеоднсака Каменица.

Процесот на масовни вработувања во “ Кромебрг и Шуберт “  се случува особено во изминатите неколку  месеци, откако беше отворена втората фабрика, со капацитет за 3.000 нови работници. Тоа е пред се  резултат на имплементацијата на новиот проект за  конфенционирање на кабли за новиот автомобил “Мерцедес Спринтер”.

Со отворањето на оваа линија за конфекционирање на кабли за новиот тип мерцедес, “ Мерцедес Спринетр” во голема мера се зголемија потребите од вработување на нови млади стручни кадри, па така во наредниот период, според информациите од “Кромберг и Шуберт” ќе се вработат уште 1.000 работници, со што бројот на вработените во оваа германска компанија ќе се заокружи на вкупно 7.000 работници.

Инаку само минатата година во “Кромберг и Шуберт “ се вработија 3.000 граѓани, број што е повеќе од двојно поголем од бројот на вработени кои дотогаш работеа во компанијата.

-Вработувањата кои ќе следат во наредните неколку месеци се финални, според плановите на компанијата и откако ќе се заврши со тој процес, енергијата и ресурсите ќе се насочат кон консолидација на тимовите и стабилизација на процесот на производство после огромниот раст со кој се соочи фабриката, велат во “ Кромберг и Шуберт”.

Како што кажуваат од “Кромберг и Шуберт “ нивната цел е да направат „Македонија во мало”, односно да сплотат најголем број на луѓе од што повеќе градови на едно место кои ќе се заљубат во Битола и на тој начин ќе си го збогатат животот себе си и на другите со нови искуства, знаења, пријатели.

Со цел да привлечи што поголем број млади стручни кадри да работаат во “ Кромберг и Шуберт “ во Битола компанијата во послендо време речиси секој викенд организира “отворени денови “ во фабриката и сите битолчани кои имаат намера да се вработат во ова акомпанија бесплатно ги носи во компанијата каде можат да се запознаат со процесот на производство.

Вработените во “ Кромберг и Шуберт “ велат дека ако успеат тука, тогаш можеби има шанси да успеат и во државата за да се вратат луѓето на вистинските вредности и повторно да поверуваат

Исто така интересот за вработување во КСМК е голем и во другите подалечни градови за кои што се размислува како да им се излезе во пресрет за да можат и луѓе од другите краеви на Македонија да почнат да работат во оваа компанија, која полека прераснува во најголемиот работодавач во нашата држава.

Инаку покрај тоа што со бројните вработувања во “ Кромберг и Шуберт” се намали бројот на невработени во Битола, ова компанија им обезбеди работа и на голем број други  мали битолски фирми. Така откако почна да ги превезуваат работниците на “Кромберг и Шуберт” до индустриска зона “Жабени “ вистинска ренесанса доживеаја голем број автопревозни битолски претпријатија, а свој невдиен растеж доживеа и фирмата која се грижи за исхрана на 6-те илјади работници, која во меѓувреме отвора нова фабричка менза во Србија, каде “Кромберг и Шуберт “ наскоро треба да отвори нова фабрика за конфекционирање на кабли за автомобилската индустрија на Германија.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*