Ракометарите на Вардар се победници на Купот на Македонија, откако попладнево го совладаа Металург со 30-26, во финалето во Битола.
Вардар е првиот клуб со пет триумфи едноподруго во националниот куп. Воедно, „црвено-црните“ ја освоија четвртата двојна круна по ред и вкупно 13-та во Купот.
Двата натпревари од Купот на Македонија беа последни средби за Вардар пред настапот на фајналфор-турнирот во Келн, каде што следниот викенд ќе се бори за одбрана на европската круна.
Даинис Криштопанс беше прогласен за најкорисен играч на натпреварот, а за најдобар голман беше прогласен Мартин Томовски од Металург. Филип Кузмановски и Халил Јагањац ја поделија наградата за најдобар стрелец, постигнувајќи по седум погодоци во финалето.