Don't Miss
Home / Колумни / Кога ненормaлното станува нормално

Кога ненормaлното станува нормално

Во една прилика еден познат филозоф напиша. Во Македонија не си нормален, ако не полудиш.

Не знам во каква ситуација бил филозофот кога ја кажал оваа мисла, но мислам дека со неа  тој ја погодил целата суштина на тоа што ни се случува во Република Македонија.

Кај нас веќе одамна е надминат рекламниот слоган “ Скопско и се е можно”. Кај нас работите толку многу брзо се менуваат, што невозможното станува можно, а можното невозможно.

Поради таквите случувања сите ние кои тука во Република Македонија останавме да живееме и да ја делиме нашата заедничка  судбина треба да бидеме среќни ако досега не сме полуделе и сме останале нормални, затоа што навистина  кај нас дотаму дојдоа работите што како што рекол филозофот не си нормален ако не полудиш.

Деновиве тема број 1 во Република Македонија е (не)очекуваното бегство на екс премиерот на Владата и почесен претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски во Унгарија.

Сите деновиве се прашуваат како успеа Никола Груевски  да избега одд ржавата.

И додека како на кладилница се погодува како тој  избегал, никој во изминатите денови не кажува  кој му дозволи да избега и кој е виновен за неговото бегство.

Многумина во изминатите денови, по бегството на Никола Груевски си поигруваат со нашата интелегенција и од сите нас прават малоумни луѓе.

Сите се чудат и се фаќаат за главата прашувајќи се како Груевски избегал  и по која маршута се движел.

Замислете во држава, во која со народни пари се плаќаа 6 лични телохранители, вработени во МВР, кои требаше 24 часа да се грижат за безбедноста на Груевски, им избега човекот осомничен и обвинет за тешки криминали и осуден со правосилна пресуда за случајот “ Тенк”.

Да не е смешно би требало да биде трагично.

Па сега, кога Груевски од Будимпешта размислува каде да живее и ги одберва дестинациите каде би се населил да живее во иднина, со пратеничката плата која ќе ја добва уште најмалку 6 месеци, од сите страни, како од СЈО, судот, МВР, Владата…ни се пласираат изјави дека никој не е виновен што Груевски избегал и дека никој ни на крај паметот на можел да претпостави  “најголемиот” патриот во државата кој  изјавуваше дека е подготвен  100 години да лежи затвор за македонската кауза, дека ќе избега од Македонија.

Иронијата да биде поголема за неговото бегство се чудат и “независните обвинители “ на СЈО или “професионалните и непартиски судии “ од тевтерчето на Гордана Јанкуловска, кои јавно изјавуваа дека на Груевски му се заканува затвор од најмалку 25 години затвор.                             И наместо власта, која најавуваше целосен генерален  ремонт на (право)судството и жестока пресметка со кримналот и криминалците, денес ни кажува дека тие не можеле да го следат Груевски 24 часа бидејќи не сакале да личат како ВМРО ДПМНЕ, која ги прислушкуваше и следеше граѓаните и ноќе и дење.

За актуелната власт на Заев денеска судиите и обвинителите се независни, професионални, департизирани, иако тоа се  истите судии кои до пред нивното доаѓање на власт, беа до коска партизирани и избрани од тевтерчето на Гордана, кое Заев и неговите министри  го нарекуваа “ Сваровски судство” и не го признаваа.

И во очекување на одговорот како Груевски ја кидна од државата никој не се прашува како пред него од Македонија му ја здувнаа и Грујовски и Бошковски во Грција, како тоа го направи Исмет Кочан…колку време во Будимпешта од депресија се лекуваше Мартин Протуѓер.

Со притворањето на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски “независното судство “настојува да се испере за грешката која ја направи во случајот со Груевски.Но по неговото бегство никому не му е јасно како сеуште на слобода, со само одземен пасош  е мозокот на “фамилијата “  Сашо Мијалков, или Гордана Јанкуловска, Мартин Протуѓер, Зоран Ставревски и другите обвинети од “режимот “ на Груевски кои самите во “ бомбите “ тврдеа дека се ненормални за тоа што го прават и дека еден ден сите ќе завршат во Идризово.

Дека кај нас работите не се нормални, најдобра потврда е што на слобода се  наоѓа и една од обвинетите за “ Скопје 2014 “ Елизабета Канчевска Милевска, која наместо во Шутка да одговара  за злоупотребите кои ги направила, таа сега од Парламентот ни зборува за државните интереси на Македонија и  ни нуди услови за нејзина амнестија и на другите обвинети пратеници за случувањата на 27 април.

И да биде во духот на мислата на филозофот од почетокот на текстот дека кај нас во Македонија не си нормален ако не полудиш, премиерот Заев  им дава ним  политички благослов и размислува како да ги амнестира од кривично гонење.

Не знам кој го советува Заев за ваквите одлуки, но се ми се чини дека со таквите потези тој не само што си игра со ѓаволот, туку си игра и со  интересите на државата.

Ако влезот на Република Македонија во ЕУ и НАТО зависи од гласовите на пратениците  Канчевска, Арнаудов , Муковски, Василевски… и останатите кои се обидоа на 27 април да извршат преврат во државата, по цена да загинат токму Заев или Села, тогаш тешко на такавата Македонија.

Таква Македонија никому нема да му користи и никогаш нема да биде посакувано место за живеење, па дури и на сегашните осомничени криминалци од “режимот на Груевски “, кои при првата прилика со парите кои ги ограбија од граѓаните ќе настојуваат да му ја здувант од државата, која во случајот со Груевски се уверивме дека ја сакале колку ланскиот снег.

Затоа наместо некакви амнестии, или помилувања, крајно време е еднаш во Република Македонија да профункционраат институциите во сите области и секој да си го работи  тоа  за што е платен.

Тоа треба да се случи час поскоро пред да ни се случат нови “побегуљи” како што неодамна изјави обвинителката на СЈО,Катица Јанева која ниту може ниту смее да биде амнестирана од одговорноста  за бегството на Груевски или неговите “големи уши”, Грујовски и Бошковски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*