Кога пред неколку години, тогашниот министер за одбрана Зоран Коњановски му ја предаде на владение Касарната на општина Битола, сега веќе екс градоначалникот Владимир Талески, пресреќен од “подарокот “ на најатрактивната локација во градот, која се простира(ше) над повеќе стотини хектари, Касарната ја преименува во “Златниот рид”.
Од тој момент Касарната во која претходно воениот рок го служеа голем број војници и која располагаше со голем број објекти, ресторан, павиљони, работилници, спортски терени,средена инфраструктура и огромни зелени површини и дрвја, преку ноќ го доби името “ Златен рид”.
Како по директива од тој момент во Битола во официјалната комуникација, особено на општинската администрација и градоначалникот Талески, за тој простор единствено се употребуваше зборот “ Златен рид”.
Нешто подоцна, откако покрај објектите и земјиштето во Касарната му беше (пре)дадено во владение на општината Битола, речиси без никаква јавна расправа, или дебата, во Битола беше промовиран проектот за “ Златниот рид”.
По налог на општината во тој проект беа вцртани објекти кои тогаш ги замисли да ги гради градоначалникот на Битола, Владимир Талески и неговите неколкумина најблиски соработници.
Според тој план Битола на просторот на поранешната касарна, а од тој момент “ Златниот рид “ требаше да се изгради еден нов град, за најмалку 5.000 жители.
-Нашата програма зборува за идејноста, енергијата и максималната вклученост на сите капацитети, расположливи ресурси и големата соработка со Владата на Република Македонија. Покрај доизградбата на Индустриската зона “Жабени”, продолжуваме со создавање на услови во старата касарна денес “Златен рид”, каде што веќе имаме нови инвеститори. Продадени се парцели на кои за скоро време ќе има нови градби. Таму планираме сосема нова инфраструктура, бидејќи тоа ќе биде нова населба со современи градби и потполно нови објекти.Се работи за површина од 103 хектари, каде навистина треба да се направат големи зафати.
Во “проектот “ планираме да се изгради една цела нова населба од 175 куќи, 20 нови високо градби (згради),потоа резиденционален дел за изградба на најмалку 12 хациенди по неколку илјади квадрати, аква парк, паркови, нова полициска станица, против пожарна зграда, неколку трговски центри, хотели, ресторани, црква, училишта, градинки, затворен базен за пливање, филмски град со филмско студио, како и висока кула со панорамско тркало, од каде битолчани ќе можат да уживаат во погледот не само на новиот, туку и на стариот град, изјави тогаш,сега веќе екс градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
И навистина гледајќи го тогаш тој проект се добиваше впечаток дека поранешната Касарна навистна ќе стане “ Златен рид “ кој ќе ја препороди Битола.
Тие битолчани кои тогаш имаа пари и поверуваа на таквите ветувања и мегаломски планови, веднаш побрзаа и на првата електронска аукција која се одржа, буквално за по 1 евро за метар квадратен ги купија речиси сите парцели за изградба на индивидуални куќи, а нешто подоцна уште при првото наддвање беа продадени и сите објекти на кои требаше да се градат станбените згради.
Битолчани, особено тие со (по)длабок џеб, не чекаа воопшто по најавената електронска аукција и веднаш ги купија и локациите за изградба на хациендите во резиденционалниот дел на “ Златниот рид”
“ Златниот рид “ стана простор кој набрзина беше буквално (рас)продаден.
Но иако беше најавено дека на “Златниот рид “преку ноќ ќе никнат огромен број објекти и дека Битола конечно ќе добие еден нов град,за жал од тоа засега нема ништо.
Напротив “ Златниот рид “ не само за инвеститорите и за тие кои купија парцели таму, туку и за новата општинска администрација стана ноќна мора.
Иако од продажбата на парцелите се сметаше дека ќе се соберат доволно пари за изградба на новата инфраструктура, од засега само познати причини на претходното раководство, наместо тие пари да се вложат во изградба на инфраструктурата во “ Златниот рид”, според некои проценки околу 6,5 милиони евра од комуналиите завршија како “ позајмица “ во индустриската зона “ Жабени “ наводно за (до)изградба на тамошната инфраструктура.
Такавата “ позајмица или пренамена” на парите едноставно ги закочи работите во “ Златниот рид “ и таму освем на две три станбени згради и неколку индивидуални куќи, кои сега се градат, во долниот дел на “ Златниот рид”, друго речиси ништо не се гради, а најголемиот број од тие што купија парцели или станови, во изградените две- три згради, поради неуредноста на околината и инфраструктурата буквално го колнат денот кога купија локации или станови таму, додека инвеститорите кои ги изградија зградите затечени од состојбата со неуреденоста на просторот се одлучија штетата која ја претрпиле, поради неможноста да ги продадат становите, или да градат, да бараат да ја наплатат преку суд.
Денеска во Битола никој повеќе не го спомнува зборот “ Златниот рид”.
Како што пред неколку години екс општинското раководство предводено од Талески преку ноќ Касарната ја преименува во “Златен рид” така сегашната општинска администрација и градоначалничката Наташа Петровска преку ноќ го избриша терминот “ Златен рид “ од речникот и си го врати старотото име на Касарната.
Но “преименувањето” на просторот воопшто нема да ги реши проблемите со кои се соочува Битола со “ Златниот рид”
Наместо “ Златниот рид “ да ја препороди Битола, се чини дека тој ќе го зацрни градот.
Новата општинска администрација во последно време мака мачи како да ги врати 2,5 милони евра кредит кои од Светска банка ги подигна претходното раководство за (до)изградба на инфраструктурата во Касарната.
Иако во последно време се прават напори донекаде да се реши проблемот со инфраструктурата и колку толку да им се создадат услови за градба на луѓето кои купија парцели таму, сепак се чини дека ни тие пари нема да бидат доволни, па новото општинско реководство деновиве најави подигнување на нов кредит за доизградба на инфраструктурата.
Парите вложени во уредувањето на инфраструктурата во индустриската зона “Жабени “ , поради малиот интерес за инвестирање, во Зоната засега не се враќаат.
Граѓаните кои купија парцели, а не можат сеуште да градат се закануваат со тужби против општината, а една таква тужба од околу 2 милиони евра неодамна поднесе еден од првите инвеститори во “ Златниот рид “, фирмата “ Јуриј” поради штетата која наводно ја претрпиле, бидејќи поради неуредноста на просторот и недовршената инфаструктура не можеле да ги продадат становите кои веќе неколку години се изградени, а стојат празни.
Засега од изградба на своите индивидуални станбени објекти поради немање на инфраструктура се воздржуваат и над стотина битолчани, а во фаза на исчекување се и сопствениците на парцелите за изградба на хациендите во резиденционалниот дел, а од изградбата на ресторани, кина, против пожарна зграда, полициска станица, хотели, црква, училишта, градинки,трговски центри, аква парк, кула со панорамски видик на Битола, нема ништо.
Од “ Златниот рид “ го снема и “ филмскиот град”, кој беше изграден, а подоцна срушен.
“ Златниот рид “ замина во историјата. Сега останува битолчани да се надеваат дека во поранешната Касарна, сепак ќе се изградат некои објекти за кои битолчани и некои инвеститори веќе имаат платено комуналии.
“ Златниот рид “ не стана филмски град на Битола, каде ќе се снимаат интересни филмови или ТВ серии. Но битолчани тој мегаломански проект долго ќе го паметат како хоррор филм во кој беа вклучени без да бидат ни прашани ни консултирани.
Засега останува без одговор и прашањето кое се почесто си го поставува битолската јавност кои беа причините и мотивот што Касрната беше преименувана во “ Златен рид “.
Многумина сметата дека тоа име Касарната го доби затоа што претходното општинско раководството тој простор го гледаше како “ златна кокошка” која на Општината и на некои поединци ке им донесе многу пари од (пре)продажбата на најатрактивното земјиште во градот.
Менде Младеновски