Don't Miss
Home / Колумни / Метла

Метла

                                    

          Иако метлата, како средство за чистење на ѓубрето одамна е исфрлена од употреба и најголемиот број домакинки истата не ја употребуваат кога сакаат да го сметат ѓубрето од својот дом, или двор, сепак во последно време, метлата е мошне актуелна  во македонската (политичка)јавност.

          Откако актерот Драган Спасов- Дац, на една од  партиските трибини, за време на претседателската кампања  му подари на лидерот на СДСМ, Зоран Заев метла за да го исчисти својот (партиски ) двор од неспособните, корумпирани, лукреативни и неспособни партиски кадри, кои наместо да ги решаваат проблемите на граѓаните, единствено што работаат е тоа како да си ги решат своите приватни проблеми, метлата како средство за чистење и хигена, повторно се врати во вокабуларот, не само на партиските состаноци, туку и во секојдневните разговори на граѓаните.

          Кој се ќе се фати на метлата  во расчистувањето на кадрите на СДСМ, е прашање  кое овие денови најчесто се поставува во македонската  политичка јавност.

          Лидерот на СДСМ, Зоран Заев прифаќајки ја метлата на Дац и предизвикот да расчисти со своите партиски кадри деновиве ги смени сите претседатели на општинските организации на СДСМ во Македонија.

          И наместо во чистењето на кадрите Заев да оди селективно и да ги смети тие кадри  кои со своите  слаби резултати и неработење придонесоа СДСМ на претседателските избори да доживее пораз таму каде што очекуваше сигурни  победи, метлата на Заев  ги зафати сите кадри, без исклучок.

           Заев без некоја поголема анализа и поединечно да ги потенцира грешките на своите кадри, кој тој ги постави на претседателските партиски фотелји, тој  без никаков образложение и објаснување ги смени сите кадри.

          Така во првиот бран на чистката настрадаа и кадри кои на претседателските избори постигнаа доста добри резултати и остварија победи на изборите.

          Зошто Заев се одлучи на ваков потег на многумина не им јасно.

          И овој пат како и во многу други ситуации, како што велат старите мудреци,  покрај сувото, настрада и суровото.

          Неколку дена по смената на партиските претседатели во општините, Заев замети и во најтесното партиско раководство со смена на неколку видни партиски кадри.

           Со оглед на тоа што Заев цврсто одлучил да ја исчисти партијата и државата од неспособните, корумпирани, а и изморени недокажани кадри,  тој сигурно нема да застане со само овие смени и дека ќе  оди на смена и на кадрите од пониските ешалони на власта.         

           Според тоа како се одвиваат работите очигледно е дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев  овој пат нема да калкулира и дека по примената порака од граѓаните за време на претседателските избори ќе оди до крај во расчистувањето на партијата и ќе им се заблагодари на сите кадри кои не постигнаа резултати и кои ја изгубија неговата доверба.

          Како ќе се одрази ваквата чистка во партијата и државата ќе покаже времето. Но очиглендо е дека Заев по Пировата победа на штотуку завршените претседателски избори донел цврста одлука да направи коренити промени.

          Но иако како лидер  тој го има тоа  право, што му го дава Статутот на партијата, да врши смени без притоа да објаснува кои се причините за таквите смени, сепак Заев, сега, кога ја има метлата кај себе треба да признае дека за дел од кадрите кои не ја оправдаа неговата доверба и тој има вина.

          Имено тие кои одблиску ги следат состојбите во партијата добро  знаат дека најголемиот број од сите партиски кадри кои сега се сменети се ставени на чело на општинските организации по негов личен избор.

           Зоран Заев по смената на режимот на Груевски, носен на крилата на големата победа сами ги постави претседателите  на сите општински организации.

          Иако тогаш многумина имаа резерва за нивниот избор тој  се одлучи за нив.

          Сега, кога се покажа дека тие кадри, кои  токму Заев ги постави не се покажаа како успешни треба и Заев да прифати дел од одговорноста за промашувањата во кадровската политика.

          Заев го признал тоа тој или  не колку што е заслужен за рушењето на режимот на Груевски, сноси и дел од одговорноста за слабите резултати на претседателските избори и дека народот и нему му испоража порака за неговите неуспешни политики, во одредени области.

           Токму за да не се случуваат слични грешки во иднина,  некои истакнати членови на СДСМ во право се кога  предлагаат претседателите на општинските организации да ги избира членството на партијата, на непосредни избори, по принципот еден член  еден глас, а не тие да се поставуаваат со декрет на лидерот на партијата.

          Во таква ситуација, при таков избор, членството, кое најдобро ги познава своите партиски кадри во локалните средини ќе може да донесе издржани и правилни одлуки, а не како што е досега, изборот  да го прави лидерот по сугестија на некои  негови лоби групи, кои најмногу се доближале до него.

          Сепак без разлика на се, одлуката на лидерот на СДСМ, Зоран Заев да расчисти со нспособните и некредибилните кадри на партијата треба и мора се поздрави, затоа што  чистката доаѓа веднаш по сигналот што го доби партијата од народот и членството на претседателските избори.

          Со ваквиот потег Заев покажа дека никој не е претплатен на функцијата и дека секој еден, кој нема да испорача резултати ќе мора да се збогува со функцијата.

          Доколку се парктикува ваквиот начин на практиување  на власта тогаш голем број партиски кадри, кои немаат капацитет да ја водат партијата, или да извршуваат други  значајни државни функции, ќе се запрашаат дали во иднина ќе се кандидаираат за  високи и значајни партиски или државни раководни функции.

          На тој начин ќе се ослободи место за способните и исполнителните кадри, кои иако ги бива, сепак  не умеаат себеси да си обезбедат влез до раководните позиции.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*