Трета среќа рекле старите. Дури во третиот обид на стечајниот управник на ТАТ, Душко Јанкуловски, на вчерашната аукција во Основниот суд во Битола беше продадено златото и златниот накит на некогаш најмоќната жена во државата, сопственичката на ТАТ, Соња Николовска.
Со оглед на тоа што на аукцијата се јави само еден заинтересиран купец, инаку познат златар од Скопје, веднаш по првото наддавање од “ само “50.000 денари, над проценетата вредност, златото и златниот накит кој се продаваше во целина, беше продадено.
Така со златото на Соња Николовска се “закити” златарот од Скопје, кој сите 798 поединечни златни предмети ги купи за 8.130.000.00 денари, или нешто помалку од 150.000 евра.
На тој начин конечно е расчистена мистеријата околу вредноста на златото и златниот накит на Соња Николовска, кое таа долго време се обидуваше да го сочува, бидејќи наводно како што тврдеше во судската постапка, тоа било чист нејзин личен имот и имот на нејзините деца.
Сега, кога е продадено златото и златниот накит, откако ќе изминат роковите за приговор, или жалба, стечајниот управник на ТАТ, Душко Јанкуловски во наредните денови ќе ги подготви списоците за обештетување на штедачите на ТАТ.
Според зборовите на стечајниот управник “ татовци “ во наредните неколку дена ќе добијат 1 отсто обештетување од своите побарувања, што е капка во море во однос на парите кои ги загубија.
За таа намена според пресметката на стечајниот управник Душко Јанкуловски треба да се исплатат над 15 милиони денари. Средствата за обештетување на необештетните штедачи на ТАТ покрај од продажбата на златото и златниот накит ќе се обезбедат и од парите кои се досега собрани од продажбата на хипотеките.
Б.В.