По одржувањето на силната трка во мото-центарот на Бугарија, на патеката кај градот Тројан, двајцата битолски мото-кросист, кои се и неофицијална македонска репрезентација, Христијан Илиовски – Кико и Борче Костов – Жолтио, по добрите возења само ги потврдија своите пласмани во конкуренција на најдобрите возачи од источна Европа.
Христијан Илиовски на двете трки беше четвртопласиран, а Костов беше на седмата позиција. По оваа трка Илиовски останува на втората позиција во категоријата МХ1, а Костов на третата.
-И пред да заминеме во Бугарија реков дека ќе биде многу тешко да се стигне до место со кое ќе можам пак да му го загрозам второто место на Бугаринот. Мислам дека според мене и според она што се гледа на патеката јас сум конкурентен да се носам со себе, но ја немам логистиката која тој ја има. За него возат пет-шест возачи кои мене ме спречуваат да возам, а јас на трката во конкуренција на повеќе од триесетина возачи бев сам. Но, од тоа нема бегање и целта да освојам десетина бодови на оваа трка ја остварив, ни рече Костов по враќањето во Битола.
Од друга страна Илиовски незалечен од повредите настапи на оваа трка и покрај советите на лекарите да ја прескокне.
-Возев добро, но имав повторно, по којзнае кој пат проблеми со моторот. Имам силна конкуренција и мислам дека до крајот останувам во борба за висок пласман, вели Илиовски.
Иако настапуваат двајцата сами во своите категории, нивното возење го респектираат сите возачи, но како што велат до крајот нема да се предадат и ќе атакуваат на повисок пласман.
-Нема откажување, одиме на висок пласман, иако мора да кажеме дека е многу тешко. Возиме со автомобилите до трката по десетина часа, а од автомобил сме на тренинг и на технич-ки преглед. Немаме време ниту да се одмориме, а камоли да тре-нираме на патеката. Наредниот ден на трка, потоа пак назад, мал одмор во Битола, колку да се види во каква состојба е моторот и пак назад на трка, вели Костов, кој настапува за мото-клубот ЛТД, а Илиовски за Пелистер.
Претстојниот викенд во Прилеп ќе се одржи првата трка на новата патека која ќе се бодува за Источноевропското првенство, а на неа ќе настапат двајцата Кико и Жолтио, а ќе има и уште возачи од Битола кои ќе возат за македонскиот шампионат. Костов се надева на пласман меѓу првите пет, а настапот на Кико е неизвесен поради проблемите со моторот.
Пред трката во Бугарија се одржа и трка во Забел, Куманово, на која четворицата возачи од Битола, постигнаа одлични пласмани. Костов е победник во МХ3 во крос и ендуро, Никола Дабич е второпласиран во МХ3 во крос и ендуро, и двајцата возачи на ЛТД.
Христијан Станковиќ од Мото-старс во МХ2 е прв од двете конкуренции, а со ист пласман во МХ1 е Симончо Николовски.
С.Р.