Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева нема да дава исказ пред обвинителката Вилма Русковска за истрагата „Рекет“, односно одлучила да се брани со молчење.
-Јанева ќе го искористи правото да не дава исказ во оваа фаза на постапката, изјави адвокатката Ирена Фрчкоска.
Јанева и нејзините адвокати имаат рок од уште два дена до обвинителството да предложат свои докази и сведоци, но адвокатката Фрчкоска вели дека и тоа право ќе го искористат понатака во постапката.
Во наредните неколку дена се очекува Апелација да одлучи и дали Јанева ќе излезе од притвор, а наскоро се очекува и обвинителката Рускосковска да го поднесе обвинението за „Рекет“.
-Истрагата ми заврши пред повеќе од 15 дена. Исказ на обвинет не е процесно дејствие, туку право да даде одбрана или да го користи правото на молчење, ни одговори обвинителката Русковска на прашањето дали е точна информацијата дека за неколку дена ќе биде поднесен обвинителниот акт.