Како што стојат работите, речиси е сигурно дека на 12 април, како што беше договорено кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, ќе се одржат предвремените парламентарни избори.
Веднаш по дочекот на Новата 2020 година, во пресрет на најголемиот празник Божик, веќе на 3 јануари, треба да се формира техничката влада, која ќе ја предводи привремениот технички премиер Оливер Спасовски.
Сега веќе екс премиерот, Зоран Заев, во наредниот период наместо во Владиниот кабинет ќе биде во седиштето на СДСМ, каде со генералниот секретар на партијата Љупо Николовски ќе ја крои стратегијата за предвремените парламентарни избори.
Политичките партии веќе почнаа наместо со државничките да се занимаваат со партиските прашања.
Тоа што е интересно е што сите се оптимисти и веруваат во победа на претстојните избори.
Сигурна победа на изборите најавуваат и Зоран Заев, лидерот на СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО ДПМНЕ, како и партиите од албанскиот политички блок ДУИ и опозиционите Алијансата на Села, Беса, ДПА.
Иако е сеуште рано, сепак на големо се разговара за раскинување со некои политички партии од досегашните коалиции, но и за проширување на коалициите.
Откако не им помина иницијативата за смена на изборниот закон и избори со една изборна единица, помалите политички партии веќе почнаа да размислуваат за обединување и заеднички настап на изборите.
Но тоа што е важно е дека на овие избори ќе бидеме сведоци на многу нови лица на пратеничките листи.
Речиси сите политчики партии освем оние, кои се човек партија, најавија драстична смена на изборните листи.
Многу актуелни пратеници, кои беа во собраниските клупи по два или три мандати, веќе е сосема сигурно дека нема да се најдат на листите.
Промени сигурно ќе има и во кандидатските листи за пратеници и во Битола.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски неодамна најави дека драстично ќе ги подмлади кандидатските листи. Истото тоа го најави и Зоран Заев.
Иако е рано да се прогнозира кој ќе се најде на кандидатските листи за пратеници од Битола, сепак едно е јасно дека на претстојните избори своја шанса ќе добијат многу нови лица. Кои ќе бидат тие засега никој не може со сигурност да каже. Но искуството не учи дека некои спектакуларни големи промени нема да има и дека иако на интервјуата ќе бидат повикани многу кандидати, сепак на кандидатските листи ќе се најдат имиња кои ќе ги одредат лидерите на партиите, но кои за битолската јавност нема да бидат изненадување и кои веќе биле помалку или повеќе присутни на битолската политичка сцена.
Но тоа што веќе од сега се знае е дека политичките кујни во партиите почнаа на големо да функционираат и да ги промовираат во јавноста своите кандидати.
Партиите веќе се растрчани на терен. И од двете политчики партии активистите чукаат од врата на врата, барајќи го гласот на битолчани, кои како и претходно, така и овој пат ја имаат нивната судбина во своите раце.