НУ Завод и Музеј-Битола и друштвото за македонско-кинеско пријателство синоќа во битолската „Магаза” ја промовираа изложбата „Кинески хороскоп” на младата уметничка, сликарка и графичарка Татјана Манева.
Изложбата за отворена ја прогласи амбасадорот на НР Кина во Република Македонија Вен Џеншун кој нагласи дека културниот настан во Битола е составен дел на манифестациите што неговата држава ги посветува на националниот празник 65 години Народна Република Кина.
– Изложбата е прекрасна, содржи дела на една млада битолчанка која сликала на тема „Кинески хороскоп” и која на мајсторски начин ги презентира карактеристиките и симболите на кинеската култура- посочи амбасадорот Џеншун.
На синоќешното отворање на изложбата „Кинески Хороскоп” обраќање имаше и градоначалникот Владимир Талески кој нагласи дека соработката со НР Кина е потврдена и на локално ниво бидејќи Битола веќе воспоставила контакт со кинескиот град Нинбо, а делегација на тој град ќе престојува во Битола на 4 ноември, на денот на празникот на градот.
Б.В.