Македонското научно друштво од Битола вчера организираше одбележување на “1000 години од битката на Беласица и од смртта на Цар Самоил”.
По тој повод проф. Радован П. Цветковски читаше поезија , а д-р Александар Литовски одржа предавање на оваа тема.
-Без разлика колку денес се обидуваат да не негираат или минимизираат, словенските корени на македонскиот народ биле тука, се тука, ќе бидат понатаму- изјави и историчарот, д-р Литовски.
Се претпоставува дека токму на овие простори бил центарот на македонската средновековна држава и се наоѓала една од тврдините на Царот Самоил.
-Сакаме да кажеме дека на овие простори во Битола беше една од тврдините на Цар Самоил, тоа значи дека овде беше центарот на една средновековна држава. Ова е начин да се одбележи 1000 години од битката на Беласица, да се нагласи дека словенските склавиди во Македонија секогаш правеа една целина и беа посебни од другите словенски ентитети на овој простор-изјави историчарот д-р Александар Литовски и уште и додаде:
-Со предавањето сакаме да се одбележи фактот дека самоиловата средновековна држава има свои реперкусии во денешницата и од неа можеме да научиме многу работи. Пред се мора да научиме дека сите народи доживеале порази кога биле невнимателни., и ние по 1000 години треба да бидеме внимателни, да не ги правиме истите грешки да доживуваме пораз и денес “ – додава Литовски .
Б.В.