Don't Miss
Home / Економија / „Стопанска банка“ Битола со добивка од 2,25 милиони евра до крај на септември годинава

„Стопанска банка“ Битола со добивка од 2,25 милиони евра до крај на септември годинава

Експанзивната деловна политика на менаџментот продуцира раст на нето приходи од камати, раст на приходи од провизии и надоместоци, зголемена клиентска база, нови вработувања, ширење на мрежата експозитури и АТМ уреди.

„Стопанска банка“ Битола оствари профит од 138,5 милиони денари ( 2,25 милиони евра) во првите девет месеци годинава, покажуваат податоците од билансот на успех за во периодот 01.01-30.09.2014 година.

Најзначаен генератор на добивка се нето приходите од камати од редовно работење кои се за 178 отсто повисоки од тие што беа остварени во истиот период лани. Воедно значаен придонес врз добивката даде и наплатата на каматите од претходно отпишани побарувања. Заради зголемениот депозитен потенцијал, во овој период, раст бележат и расходите за каматии тоа во износ од 9 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Банката оствари солиден раст и кај втората по големина најзначајна приход ставка – нето приходите од провизии и надоместоци. Нивниот износ е повисок за 10 отсто во споредба со периодот јануари-септември лани. Растот на оваа приходна ставка е директен резулат на успешната експанзивна деловна политика на менаџментот на банката во зголемениот обем на работа во: кредитирање на правни и физички лица, во платниот промет и засилен мониторинг на трошоците.

Во овој период банката бележи и силен раст на останатите приходи од дејноста и тие се повеќе од двојно повисоки од остварените во првите девет месеци 2013 година. Тоа се должи во најголема мерка на капитални добивки за банката од продажба на дел од превземениот посед. Воедно раст од 77,5 отсто во првите девет месеци годинава има и кај приходите од курсни разлики.
Заради експанзивната деловна политика на менаџментот со цел освојување на подобра пазарна позиција на расходната страна на билансот на успех, за првите девет месеци годинава, забележлив е раст на трошоците за вработени за 10 отсто, останатите реасходи од дејноста за 24,5 отсто и трошоците за амортизација за 17,8 отсто. Во овој период овие расходи се зголемени заради тоа што банката отвори нови работни места во проширување на мрежата на нови експозитури и на АТМ уреди ширум земјава.

И покрај издвоената загуба поради оштетување на нефинансиските средства во износ од 120,59 милиони денари на почетокот на 2014 година, активностите на Банката за продажба на преземениот посед резултираа со ослободување на дел од претходно издвоената ревалоризациска резерва и тоа дополнително придонесе за подобрување на финансискиот резултат на Банката. Следствено на зголемената кредитна активност, за првите девет месеци годинава банката издвои исправка на финансиските средства, на нето основа, во износ од 39 милиони денари.

Банката ќе настојува преку понуда на конкурентни производи и услуги кои во целост ќе одговараат на потребите на нејзините клиенти,  да го одржи трендот на раст на нето приходите од камати и провизии со што би се создале услови за уште позначајно подобрување на финансискиот резултат. Воедно, согласно со деловната политика и развојниот план,банката и во идниот период ќе продолжи со активностите за наплата на нефункционални кредити, продажба на преземениот посед и контрола на трошоците.

 

Извор: faktor.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*