Основоположникот и првиот претседател на Република Турција Мустафа Кемал Ататурк создаде нераскинливи врски и изгради мост на вечно пријателство помеѓу Македонија и Турција.
Ова беше пораката на одбележувањето на 125 годишнината од дипломирањето на Кемал Ататурк во битолската воена Гимназија.
На церемонијата во Битола, организирана од Амбасадата на Република Турција, Реџаи Илмаз воениот аташе на Република Турција во Скопје рече дека една од силните врски меѓу Турција и Северна Македонија е Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција.
-Сестраните односи меѓу двете земји, кои се темелат на заемно почитување што произлегува и зема сила од заедничката историја и култура, се реализираат на дипломатско, воено, трговско, образовно и културно поле-рече Реџаи Илмаз, воен аташе на Република Турција во Скопје.
Заменик началникот на Генералштабот на Република Северна Македонија Генерал-мајор Азим Нуредин истакна дека Република Турција како стратешки партнер перманентно и помага на Република Северна Македонија придонесувајќи во процесите на нејзината модернизација и интероперабилност на армиите во НАТО алијансата.
-Ми претставува особена чест што имам можност на овој историски ден да се обратам на одбележувањето на 125 годишнината од дипломирањето во Воената Гимназија во Битола на една од највлијателните личности во 20 век. Основоположникот и првиот претседател на Република Турција Мустафа Кемал Ататурк. Времето на Кемал Ататурк поминато токму во Битола постави основи за оформување на неговата космополитска интелектуална свест која подоцна му отвори нови хоризонти и перпективи. Тука, тој се здоби со воени вештини и највисоки вредности. Создаде нераскинливи врски и изгради мост на вечно пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција. Пријателство што го градевме и ќе продолжиме да го градиме и во иднина. Во оваа прилика сакам да ја истакнам одличната соработка во одбраната помеѓу нашите две пријателски земји што започна во далечната 1994 година со упатување на старешински кадар на школување во престижните турски едукативни центри. Република Турција како наш стратешки партнер перманентно и помага на Република Северна Македонија придонесувајќи во процесите на нејзината модернизација и интероперабилност на армиите во НАТО алијансата. Кога и да била побарана помош Република Турција секогаш излегувала во пресрет на она што е побарано во зависност од можностите-рече заменик началникот на Генералштабот на Република Северна Македонија Генерал-мајор Азим Нуредин.
Тој додаде дека преку организирање на обуки, одлична соработка и стекнато искуство на нашите припадници од заедничкото учество во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и Обединетите Нации во Авганистан, Босна и Херцеговина, Косово и на други места се зголеми бројот на припадници од армијата на Република Северна Македонија кои имаа можност да ги унапредат нивните вештини и заеднички со турските мировници да го градат мирот-рече на одбележувањето заменик началникот на Генералштабот на Република Северна Македонија Генерал-мајор Азим Нуредин.
Градот Битола има исклучително место во заедничката историја на нашите народи кои со векови живееле заедно, како и на нашите братски и пријателски земји, посочи Џунеит Талха Озјурек од амбасадата на Република Турција во Македонија.
–Градот, отсекогаш се издвојувал со својот динамизам и мултиколоризам во политичкиот, социјалниот економскиот и културниот живот. Битола, воедно и како град во кој се образувал, чија атмосфера ја доживеал и кој имал огромно влијание во оформувањето на светогледот на Ататурк, има особено значење во нашата заедничка историја. Младиот Мустафа Кемал кој од март 1896 година го продолжил своето образование во Битола, токму овде го започнал процесот на оформување на својот светоглед. Политичките и воените случувања во и околу Македонија од тој период, одиграле значајна улога во развојот на неговиот карактер-истакна Џунеит Талха Озјурек, трет секретар при амбасадата на Република Турција во Македонија.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски нагласи дека Битола како град ќе продолжи да го чува споменот на големиот стратег Мустафа Кемал Ататурк, да биде срдечен домаќин на сите посетители кои секојдневно во голем број ја посетуваат спомен собата во Заводот и музеј во Битола и да се реализираат уште поголем број на активности во иднина за зацврстување на меѓусебното пријателство со Република Турција во духот на големата мисла на Ататурк, „мир во земјата, мир во светот.
Церемонијата по повод одбележувањето на 125 години од дипломирањето на Кемал Ататурк во битолската воена Гимназија заврши со читање поезија од учениците од основното училиште „Кирил и Методиј“ во село Канатларци и потпишување во спомен книгата на Мустафа Кемал Ататурк.
Васка М.Младеновска