Започна со работа новата фотонапонската централа „Стрежево 1“ изградена со сопствени средства во вредност од околу 30 милиони денари на Јавното претпријатие „Стрежево“ Битола.
Централата е со моќност од 500кW и се наоѓа на локацијата Брана Стрежево.
–Ова е првата изградена фотоволтаична централа со можност на изградба и на втора централа од ваков тип со оглед на фактот што имаме добиено дозвола за градба до 1МW.Основните технички карактеристики на ФЕЦ се следните: 1248 монокристални фотонапонски панели, 6 инвертори со моќност од 440 кW, енергетски трансформатор 630 kVA , преносно ниво 35/0,4 kV и годишно производство околу 700 000 kWh. Со оваа инвестиција започнуваме и процес на искористување на сончевата енергија како обновлив извор за добивање на електрична енергија покрај досегашното искористување на водата од петте мали хидроцентрали-рече на свеченоста по повод пуштањето во производство на фотонапонската централа, генералниот директор на ЈП „Стрежево“, Методија Граматковски.
Заблагодарувајќи им се на раководниот тим и на сите вработени во реализирањето на оваа значајна инвестиција за претпријатието, Граматковски истакна дека фотоволтаичната централа била идеја и на претходните раководства, но, како што рече, добри идеи се само реализираните, а не, оние кои ќе останат на лист хартија и нереализирани.
-Успешното инвестирање во најдобри инвестициони проекти придонесува до успешно работење и напредок на самото претпријатие. Инвестиционата одлука за овој проект е добро осмислен чекор, реален и рационален, еколошки одобрен со обликувана јасна визија како приоритетен проект со сопствена развојна компонента. Овој проект има позитивен инпут врз работењето на претпријатието, економскиот ефект на инвестицијата е крајно оправдан со видлив резултат и предвидливи критериуми кои укажуваат на фактот дека очекуваните ефекти ќе ги надминат вложените средства во инвестицискиот проект-додаде првиот човек на ЈП „Стрежево“ Методија Граматковски.
ЈП „Стрежево“ е првото формирано претпријатие од Владата кое изградило фотонапонска централа и добиеното производство ќе го продава и на слободниот пазар, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
–Изградбата на фотонапонската централа е новиот резултат на раководството и вработените во ЈП „Стрежево“ и покрај користењето на водата за производство на електрична енергија, овде се започнува и со користење на сончевата енергија. Тоа гарантирано ќе води до понатамошен развој на капацитетите за користење и на обновливите извори на енергија. Во време на големи еколошки и енергетски предизвици, активното вложување во ваквите капацитети го сметам за чин на одговорност, визионерство, но, и на патриотски однос кон сопствената држава, затоа што се вложува во нејзиниот развој и енергетска стабилност а со тоа и во иднината на нашите деца. Со ваквата посветеност и развојно ориентирано работење, следат многу успеси и достигнувања и во иднина за ова јавно претпријатие. За голема пофалба е тоа што и покрај кризите во изминатите години кои силно се одразија врз економијата, претпријатието со сопствени средства ја разви оваа капитална инвестиција-истакна министерката Костадиновска-Стојчевска на свеченоста по повод пуштањето во производство на новата фотонапонската централа „Стрежево 1“ изградена со сопствени средства на јавното претпријатие „Стрежево“ Битола.
Васка М.Младеновска