Don't Miss
Home / Вести / Доделени признанија на свеченото отворање на Фестивалот на монодрамата

Доделени признанија на свеченото отворање на Фестивалот на монодрамата

Со спектаклот „Глумците пеат“, во Центарот за култура, започна 25 издание на Интернационалниот фестивал на монодрамата.

На отворањето, беа доделени посебни признанија на поддржувачите на фестивалот и претходните директори на Центарот за култура, кои дале значаен придонес во растот и развојот на Интернационалниот фестивал на монодрама.

Директорката Маја Андоновска-Илијевски, додели посебна благодарница и за долгогодишната соработка и поддршка од Општина Битола.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заблагодарувајќи се за признанието, нагласи дека ова е дополнителен мотив за локалната самоуправа за понатамошна поддршка на културните настани и фестивали:


„Почитувана директорка на Центарот за култура и организатор на интернационалниот фестивал за монодрма, г-ѓа Маја Андоновска Илијевски,
Почитуван селектор, стручни соработници на фестивалот и членови на жирито
Почитувана публико,
Секое признание има посебна вредност, затоа што неговото значење секогаш е поврзано со посебна приказна, која одбележува едно дело, настан или придонес кон создавање нешто ново или општествено добро. Сепак, вечерашната плакета, за мене има посебна вредност, затоа што долгогодишната соработка и поддршка од Општина Битола, за Фестивалот на монодрама, резултира токму со еден 25 годишен јубилеј, кој во себе ги собрал и успешно ги совладал сите предизвици, не запирајќи ја креативноста и уметничкиот раст, дури и во време на пандемиски, вонредни состојби.
Одбележувањето на четврт век од еден ваков интернационален фестивал и континуираната соработка со општината е голем доказ дека уметноста и културата во својот креативен дострел се доволно силни за да докажат дека живеат и растат на пиедесталот на кој се воздигнуваат вредностите.
Затоа, искрено сум благодарен за признанието, кое истовремено е и наш мотив како локална самоуправа да продолжиме да ги поддржуваме културните настани и фестивали кои јасно ги детектираат потребите на публиката и овозможуваат квалитативен културен раст на Битола, но и нејзина меѓународна промоција.
Пред нас е едно ново издание на Фестивалот на монодрама, кое во следните седум дена, низ извонредните наративи на учесниците од 9 земји од светот, сигурен сум дека ќе го задржат вниманието на публиката, која повторно ќе биде потврда за импресивноста создадена од уметничката светлина на монодрамскиот текст, слободно пренесен на сцената преку моќната актерска игра.
Токму најубавите и најуспешните достигнувања се случуваат кога луѓето, а посебно уметниците и актерите се ослободени од сите стеги, неизвесности, предрасуди или други ограничувања. Како што и самото мото на фестивалот јасно кажува, од вечерва до 31 мај: Слободата живее тука.
Да уживаме во фестивалската програма, која годинава прави креативен спој на слободата, уметноста и творештвото.
Слободно да сочуваме впечатоци, за кои долго ќе раскажуваме. Нека ни е успешно 25 издание на Интернационалниот фестивал на монодрама“, рече градоначалникот Коњановски на отворањето на фестивалот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*