Коалицијата ВЛЕН остро реагира на изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој најави дека ќе излезе на улица доколку поранешниот министер за економија Крешник Бектеши биде обвинет во врска со трагедијата во Кочани.
Според ВЛЕН, Ахмети никогаш досега не застанал на страна на народот, но сега, кога се чувствува лично загрозен, повикува на протести.
„Дваесет години на власт и ниту еднаш не излезе на улица за интересите на народот. Денес, кога системот што го создаде за себе се распаѓа, Ахмети се обидува да се претстави како жртва“, стои во соопштението на ВЛЕН.
Оттаму го прашуваат каде бил кога за време на коалицијата со Груевски, Албанците биле етикетирани како терористи, а многумина завршија по затвори.
„Каде беше кога се случуваа монтирани случаи како ‘Монструм’ и ‘Сопот’, кога во Бродец и Диво Насеље се пролеа албанска крв за политички цели?“ прашуваат од ВЛЕН.
Коалицијата додава дека ДУИ се плаши од изборен пораз и затоа шири паника и повикува на бојкот. „Но, ниту улицата нема да го спаси Ахмети од одговорност и од волјата на народот“, завршуваат од ВЛЕН.