Со одржување на свечена академија, на која со пригодни говори кон присутните се обратија ректорот на Универзитетот “Св. Климент Охридски “ проф д-р Златко Жоглев и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вечерва во Народниот театар во Битола, Универзитетот “Св. Климент Охридски “ го прослави својот патронен празник и редок јубилеј, 35 години од формирањето.
Обраќајќи им се на присутните на свечената академија ректорот проф. д-р Златко Жоглев во својата пригодна реч меѓу другото истакна:
-Традицијата е една од најзначајните карактеристики на човековото општество. Таа ги потсетува луѓето дека треба грижливо да се чуваат и да се истакнуваат значајните личности и позитивните вредности на народите кој треба да останат трајни и препознатливи. Чинот на нашето празнување израсна од длабоката почит за епохалната мисија на великиот Св. Климент. Тоа всушност преставува продолжение на една милениумска традиција која во културно историската меморија на нашиот народ значи влез во светската цивилизација, нагалси ректорот проф. д-р Жоглев.
Честитајќи им го големиот јубилеј, претседателот на државата Ѓорге Иванов во своето пригодно обраќање нагласи:
-Во изминатите 35 години Универзитетот “ Св. Климент Охридски” Битола генерираше знаење, наука и квалификувани наставници, истражувачи од општествените, природните и техничките науки. Од овој Универзитет произлегоа многу правници, економисти, педагози, квалификувани стручњаци од областа на земјоделството, туризмот, медицината, јавната администрација, информатичките технологии. Тие се дел од ова што е создадено од високото образование во Република Македонија, рече во својата пригодна реч претседателот на државата, Ѓорге Иванов.
На свеченоста ректорот на Унивезритетот му врачи златна плакета на претседателот Иванов.
Свеченоста беше збогатена со богата културно уметничка програма.
Инаку свеченостите по повод патрониот празник на Универзитетот” Св. Климент Охридски “ во Битола се одржуваат веќе неколку дена, а денеска се одржа и академски час, на кој за развојот на Универзитетот и неговото значење покрај ректорот проф. д-р Златко Жоглев зборуваше и заменик- министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Б.В.